18.09.2012, 10:40 Продолжуваат антијапонските протести во Кина
Антијапонските протести предизвикани од спор за островите, продолжија денеска ширум Кина, а тензиите би можеле да предизвикаат немири бидејќи денеска се одбележува годишнина од јапонската инвазија на Манџурија во 1931 година.
Неколку илјади Кинези се собраа денеска ширум државата во нови демонстрации против Јапонија и купувањето на спорните острови во Источното Кинеско Море.
Пред јапонската Амбасада во Пекинг неколку стотици лица извикуваа пароли против јапонската држава, бараат бојкот на јапонските производи и фрлаат пластични шишиња врз зградата на Амбасадата која прекина со работењето на пасошката служба.
Демонстрации има во Шангај, Гуанжу, Венџоу и Шенанг каде демонстранти фрлаат со камења врз јапонскиот конзулат. Во меѓувреме, јапонската крајбрежна стража соопшти дека двајца Јапонци пристигнале на еден од двата спорни острови.
Според првични информации, станува збор за двајца активисти кои по откривањето се сослушани и го напуштиле островот.
Кинеското МНР веднаш реагираше оценувајќи дека станува збор за провокација поради која официјално ќе се жалат кај јапонските власти.
Цел на демонстрантите во Кина се и јапонски продавнции, ресторани, но и погоните на Тојота и Хонда кои денеска и утре нема да работат. Прекин на работата во Кина објавија и Панасоник и Кенон.
Протестниот бран почна откако минатата недела Токио ги купи од приватни лица островите, кои Јапонија ги нарекува Сенкаку, а Кина Диаоју. Пекинг ги смета островите за кинеска територија, која била незаконски одземена од Јапонија во 80-те години на 19 век. Спорот околу островите за заостри во 70-те години од 20 век, кога во регионот беа пронајдени резерви на природен гас и нафта. |