18.09.2012, 09:58 Министерот Сарачини учествува на „Глобалниот енергетски самит“
Министерот за економија Ваљон Сарачини од денеска е во дводневна работна посета на Лондон, каде се одржува „Глобалниот енергетски самит“, на кој присуствуваат истакнати лидери, креатори на политики, иноватори и финансиери од светот.
Целта на самитот е да се разгледаат состојбите на полето на глобалната енергија и заеднички да се определат насоките за иден раст и одржливост, во време на енергетска несигурност и високи цени на енергенсите, особено предизвикани со последните случувања на Средниот Исток и Северна Африка, како и со неодамнешната несреќа во Фукушима. Тоа ќе подразбира глобално преиспитување на приоритетите и политиките за поголемо вклучување на обновливите извори на енергија.
На маргините на самитот министерот за економија Ваљон Сарачини ќе оствари средби и со потенцијални инвеститори од областа на енергетиката. Дводневниот престој во Лондон ќе го искористи и за претставување на потенцијалите за инвестирање во сегментот на минералните суровини.
|