18.09.2012, 16:50 Дипломатскиот кор дегустираше македонско вино
Министерот за надворешни работи беше добар домаќин и ги прошета странските амбасадори низ подрумите на ВВ „Тиквеш“
Ангел Данов
Кавадарци - Дипломатскиот кор во Македонија заедно со министерот за надворешни работи Никола Поповски денеска во рамки на економската дипломатија на Македонија имаа можност директно да се запознаат со производните капацитети и да дегустираат вино од најголемата винарница на Балканот, „Тиквеш“.
Целта на ваквата посета, како што нагласи Поповски, е да се промовираат извозните индустрии, покрај ��ообичаената промоција во македонските дипломатско-конзуларни претставништва на аргументите за привлекување инвеститори.
„Се обидуваме да ги привлечеме дипломатите во земјава колку што е можно повеќе да ги откриваат можностите на Македонија. Винскиот сектор е еден од поклучните наши извозни аргументи и се обидуваме да направиме негова промоција. Воедно користиме можност да презентираме различни делови од државата, оти имаме многу да понудиме и надвор од главниот град“, рече Поповски и се осврна на историјата на винарството и лозарството во Македонија, нагласувајќи дека според Светската организација за храна и земјоделство (ФАО) нашата држава го зазема 22. место во производство на вино.
Попоски рече дека Министерството за надворешни работи посветува големо внимание и во делот на економската дипломатија, со цел промовирање на македонските економски потенцијали во други земји.
Генералниот директор на „Тиквеш“, Игор Илиевски, рече дека ќе му биде посебно мило ако остварените контакти резултираат и со успешна економска соработка и извоз на вино. Според него, ваквата презентација била само дополнување на тоа што што го работи самата винарница.
„Повеќе од 50 проценти од нашите приходи доаѓаат од извоз, кој е целосно пласиран во шишиња. Имаме брендиран производ и според последните објавени податоци, спаѓаме во една од ретките компании која има двоцифрен раст на приходите од извоз. Извезуваме во преку 20 земји, но ова го гледаме како дополнителна можност за презентирање и етаблирање на македонско брендирано вино“ рече Илиевски.
„Се' повеќе кинески компании се заинтересирани за купување македонско вино. Сега малку се грижам дали македонското вино кое влегува на кинескиот пазар ќе биде доволно. Како амбасадор во Македонија ќе направам се' што е во моја моќ македонските вина да ги има во Кина што повеќе“, рече амбасадорот на НР Кина Суи Џивеи, кој беше импресиониран од квалитетното вино во „Тиквеш“.
|