19.09.2012, 13:19 Француската полиција упадна во редакцијата на „Клозер“
Француската полиција спроведува претрес во редакцијата на магазинот „Клозер“, кој ги објави разголените фотографии на сопругата на британскиот принц Вилијам, Кејт Мидлтон.
Информацијата за претресот во редакцијата на „Клозер“ ја објави интернет изданието на неделникот „Ле Пуан“.
Истрагата на полицијата е поради кривичната тужба на Мидлтон и принцот Вилијам против непознат сторител за откривање и повреда на нивниот приватен живот.
Целта на полицијата е да утврди кој ја повредил интимноста на британскиот принц и принцеза.
Вчера судот од Нантер му забрани на „Мондадори“, издавачот на магазинот „Клозер“, да ги објавува или отстапува фотографиите на принцезата Кејт Мидлетон, на кои таа е со разголени гради.
Францускиот суд во пресудата, бара за 24 часа да и бидат предадени на принцезата „негативите“, односно сите подлоги на кои се наоѓаат нејзините спорни фотографии. За секој ден задоцнување или непочитување на пресудата, издавачот ќе биде казнет со 10.000 евра.
Францускиот суд не го забрани бројот на „Клозер“ во кој се објавени фотографиите, ниту пак неговото повторно печатење. |