18.09.2012, 16:01 Нов проект за заштита на Преспанското Езеро
Нов проект за заштита на Преспанското Езеро од денеска почна да се спроведува во општина Ресен, и треба да овозможи бројни придобивки за локалното население и животната средина.
Проектот ќе се спроведува наредните шест години од страна на УНДП, во соработка со општина Ресен, а со финансиската поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.
- Изминатите години Преспа стана пример за регион кој многу активно се залага за зачувување на природните вредности преку спроведување на бројни позитивни иницијативи. Новиот проект за заштита на Преспанското Езеро доаѓа во вистинско време. Надоградувајќи се на претходните резултати, овој проект има потенцијал да донесе бројни придобивки, како за езерото, така и за целиот регион. Огромен ќе биде неговиот придонес кон одржливиот развој на Преспа, истакна државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова.
Таа и им се заблагодари на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), што и наредните неколку години ќе продолжат да не поддржуваат во напорите за заштита на Преспанското Езеро.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Ресен Михаил Волкановски, амбасадорот на Швајцарија Стефано Лазарото и постојаниот претставник на УНДП Диадра Бојд.
По почетокот на проектот означен е и почеток на реконструкција на училишната зграда за потребите на новоформираното тело за управување со паркот на природа „Езерани“.
|