18.09.2012, 14:58 „Чебрен“ и „Галиште“ пак паднаа во вода
Пропадна и шестиот тендер за избор на инвеститор кој ќе ги гради хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Владата во петокот ја прекина постапката за доделување концесија за производство на струја од хидроцентралите што требаше да се градат на Црна Река и за учество во јавно-приватно партнерство со АД ЕЛЕМ.
„Прекина постапката за проектот ХЕЦ ’Чебрен’ и ХЕЦ ’Галиште’ поради неприфатливост на доставените понуди“, соопштија денеска од Министерството за економија. И двете понуди на компаниите што останаа во трката за хидроцентралите, кинескиот конзорциум „Чајна вотер електрик“ (ЦВЕ) и грчката „Паблик пауер корпорејшн“ (ППЦ), не ги исполниле условите на тендерот. Имено, како што појаснуваат во Економија, понудата на кинескиот конзорциум не била во согласност со тендерските барања и содржела некои други услови кои не биле прифатливи за Владата. Меѓу нив се: гарантиран откуп на целата произведена електрична енергија според однапред договорена цена, ХЕЦ „Тиквеш“ да биде вклучена во заедничката компанија со датумот на ефективност на Договорот за концесија и гарантирана стапка на поврат на инвестиција (ИРР) од страна на Владата, во случај на лоша хидролошка состојба. (M.T.) |