18.09.2012, 18:23 Писма - За увозот на пченицата
Трајче Петрески
Условен увоз на пченица и брашно - автогол на македонската Влада. Последниве три години Владата воведува условен увоз на пченица и брашно. Ваквиот потег економски би бил издржлив доколку во нашето опкружување, цената на пченицата би била пониска, па со таквиот чекор би се стимулирал откуп по повисока цена која би одговарала на македонските земјоделци. Меѓутоа, во услови кога цената на пченицата во соседството изнесува околу 250 евра за тон и кога сите држави ги полнат своите резерви поради глобален недостиг од жита, ваквата одлука е несфатлива. Потребните 150.000-180.000 тони наместо да се увезат по далеку поевтина цена во време на жетва се чека зимскиот период за увоз кога цените на житата се драстично повисоки. Во 2010 година Македонија потроши околу 12 милиони евра повеќе само затоа што потребните количини беа увезени неколку месеци по жетвата. Освен тоа, одлуката за условен увоз е во спротивност со член 3, член 21 од договорот CEFTA, па така на ланскиот самит на земјите-членки на CEFTA во Париз, министерот Сарачини беше жестоко критикуван. Како одговор на ваквата одлука на македонската Влада, Косово ја зголеми царината на цементот од Македонија, а Србија воведе забрана за извоз на шеќер, сончоглед и соја. Очигледно ваквата ситуација им одговара на моќната група на мелничари кои се длабоко инфилтрирани во сите владини тела кои донесуваат економски одлуки. Се поставува прашањето чии интереси, всушност, ги штити Владата со ваквите свои одлуки кога цената ја плаќа народот, особено социјално најзагрозените слоеви кои поради ваквата политика ќе плаќаат поскап леб, месо, млеко... |