30.03.2012, 17:47 Подземната улица покрај кејот ќе се гради според шпански проект
Градските власти и шпанската проектантска куќа ИДОМ потпишаа договор за проектирање улица која ќе се гради 10 метри под земја
Бојан Шашевски
Шпанската проектантска куќа ИДОМ до крајот на годината треба да изработи основен градежен проект за подземна сообраќајница. Таа ќе биде долга 1.300 метри и ќе се протега од раскрсницата на булеварот „Илинден“ со булеварот „Гоце Делчев“, ќе оди под кејот „13 Ноември“ се' до Комплекс банки кај раскрсницата на булеварите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Кочо Рацин“. Според договорот кој вчера го потпишаа градските власти со претставниците од фирмата од Билбао, улицата ќе се гради 10 метри под земја и во голема мера треба да придонесе за растоварување на сообраќајниот метеж.
Градежниот проект за подземната сообраќајница со нејзините влезови и излези изнесува 500.000 евра, а вредноста на сообраќајниот проект е 70.000 евра заедно со ревизија.
„Минатата година со Владата и со Министерството за транспорт и врски потпишавме Меморандум за соработка за финансирање на изградбата на оваа сообраќајница, која се предвидува да чини околу 32 милиона евра. Изработката на сообраќајниот и на градежниот проект се очекува да заврши до крајот на оваа година. Потоа ќе биде распишан тендер за избор на изведувач, а во план е изградбата да почне до крајот на 2013 година. Рокот за изведба е околу три години. Од ИДОМ ни ветија дека ќе ги запазат роковите“, рече вчера градоначалникот Коце Трајановски на потпишувањето на договорот со шпанските проектанти, додавајќи дека сообраќајницата е од клучно значење за функционирање на главниот град.
Претставникот на ИДОМ, Хозе Алберто Фулдаин, рече дека во проектот се инкорпорирани повеќе области, како геотехничко, структурно и сообраќајно инженерство, осветлување и безбедносни системи.
Инаку, коловозот на подземната сообраќајницата ќе биде широк 6,5 метри. Во должина од 900 ме��ри ќе биде под земја, а преостанатите 400 метри над земја. Сообраќајницата ќе почнува со кружен тек кај мостот „Гоце Делчев“, а потоа ќе се движи под земја и ќе излегува во близина на Транспортниот центар, каде што е планиран уште еден кружен тек на вкрстувањето на булеварот „Крсте Мисирков“ со булеварите „Кочо Рацин“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. |