25.05.2012, 20:51 Питомоста и бунтовноста на Хрватско Загорје
Иако навидум не толку атрактивно за место во велнес-термалните капацитети во Хрватско Загорје треба навреме да се направи резервација
Јасминка Павловска
Раззеленето и расцветано, дури и во облачен мајски ден, во кој дождот се заканува како да е есен, Хрватско Загорје изгледа токму како во лекциите од некогашните историски читанки – питомо и бунтовно, револуционерно, но и крај посветен за своевиден религиозен аџилак. Со својата географска местоположба и благо ридестата конфигурација на теренот: северно од главниот град на Хрватска, Загреб, т.е. од планината Медведница, па до Словенија на север и запад, и до регионите Меѓумурје и Подравина на север и запад, Хрватско Загорје ги има сите аргументи за место од бајките. И тоа како на оние старине од половина историска вистина, половина фантазија, но и на овие новиве бајки создадени од малку велнес-туризам, малку етно-приказни и малку повеќе интернет-маркетинг.
Иако навидум не толку атрактивно за туризам како хрватскиот дел од јадранскиот морски брег, за место во велнес-термалните капацитети, како Термите Тухељ, или во Крапинске Топлице, па Стубичке Топлице... потребно е навистина со време да се направи резервација. Во некои хотели, главен адут на собите им е џакузи со термална вода и поглед низ прозорец на „лепе ти је Загорје зелене“.
Загорците во шегите и вицовите се типизирани како весели луѓе, љубители на добрата капка и, логично, не многу љубители на работата. Но култивираното и до последна педа обработено и зелено земјиште, како и куќите уредени достојни за место во бајка, во реалноста го демантираат стереотипот за мрзеливоста. Во секој случај, и ако првпат се најдете во Хрватското Загорје, не познавате никого, нема да се чувствувате како туѓинец. Дури и во специфичниот кајкавски дијалект на хрватскиот јазик, но некако поблизок до словенечкиот јазик, можете да пронајдете „заеднички именител“ со македонскиот јазик. Пријатно изненадување претставува „откритието“ дека името на главниот административен центар на Крапинско -загорската жупанија, Крапина, потекнува од рибата крап, која некогаш обилно ја имало во реката Крапинчица, покрај која е израснат градот. Интересно е тоа што во хрватскиот јазик оваа слатководна риба се нарекува „шаран“, а само во кајкавскиот дијалект се изговара како и во македонскиот јазик – крап!
Малечкото гратче со петнаесетина илјади жители, сепак во историјата на човечкиот род не е најпознат по крапот, туку по неандерталецот, наречен крапински човек. Со геолошките и палеонтолошки истражувања од 1899 до 1905 година, водена од научникот Драгутин Гојановиќ Крамбергер, во слоевите на пештерата на ридот Хушњаково (познато како Крапинска пештера), пронајдени се околу 900 човечки фосилни коски, многубројни камени оружја од периодот на палеолитот, т.е. фосилни остатоци од пештерска мечка, волк, лос, голем елен, носорог, диво говедо и други животни. Староста на ова богато наоѓалиште одговара на времето од пред 130.000 години. Сите тие наоди се презентирани во Музејот на крапинските неандерталци, кој од 2010 година има ново руво од мермер и стакло, кој со влезот асоцира по малку на бункер. Но затоа во неговата шумска околина има постојана изложба на отворено на дрвени скулптури на животни. Ако случајно се појавите пред Музејот во понеделник, како и секаде во светот ќе наидете на затворени врати. Разочарувањето, пак, може да се стивне во блиското ресторанче „Неандертал“ со типичниот загорски специјалитет потпечени загорски штрукли, кој се јаде и како предјадење, но и како десерт, а според вкусот и тертипот на подготвување многу потсетува на нашето ѓомлезе или „тури-потпечи“. Инаку, во пишувани документи Крапина првпат се споменува во 1193 година, а потоа има важна улога во средновековната феудална историја на буните на кметовите. Освен тоа Крапина е и родното место на Људевит Гај, идејниот водач на Хрватската народна преродба и втемелувач на хрватскиот литературен јазик во 19 век.
Посебна туристичка атракција во Загорје се ренесансно-барокните дворци и средновековните „бургови“, т.е. дворци-тврдини. Сепак тоа не се некои декадентно-раскошни дворци, туку поголеми и поуредени некогашни живеалишта на загорската аристократија (претежно од унгарско потекло), хармонично сродена со пејзажот. Особено импресивно во околината изгледа средновековниот замок Велики Табор. Овој е изграден по 1502 година, откако Иван Корвин им подарил имот во западно Загорје на припадниците на уграското семејство Раткај, чија лоза завршува во 1793 година. Тоа семејство е земено како инспирација за ТВ-серијата „Гордоста на Раткаеви“, иако во времето кога се случува дејството (пред, за време и по Втората светска војна), тие одамна не егзистирале во Загорје. Дури и другиот дворец Миљана, каде што се снимаше серијата навистина му припаѓал на семејството Раткај, а денес е во приватна сопственост.
По импресивноста на градбата, која доминира на ритчето над едно вештачко езерце, посебна атракција е средновековниот дворец Тракошчан, изграден во 1399 година, но со реновирањето во 19 век, добил барокна физиономија. Овој дворец имал повеќе сопственици, но најмногу бил во посед на благородничкото семејство Драшковиќ, а од 1945 година е преуреден во музеј.
Во еден друг дворец, на семејството Оршиќ во Горна Стубица, денес се наоѓа Музејот на селанската буна. Настанот од 1573 година, бунтот на кметовите против суровоста и неправдата од феудалците е она на што Загорците се посебно горди пред историјата. Несреќниот исход на буната и уште потажниот крај на нејзиниот водач Матија Губец со вжарена железна круна на главата (всушност Амброз Губец, кој подоцна во народните преданија е претопен со ликот на некој добар крал Матија), уште повеќе ја засилува легендата и нејзиниот опстанок низ времето. Токму таа вистинита легенда на природната питомина на загорскиот крај му го создава духот на бунтовност. Не само во Музејот на селанските буни, туку и со цел споменичен комплекс од скулпторот Антон Аугустинчиќ, на „селанскиот крал“ Матија Губец, одбележана му е честа како најголем народен јунак на Хрватите.
Во тој контраст на питомост и бунтовност, не изненадува поврзаноста на Загорје со религијата. Местото Марија Бистрица е своевидно хрватско национално светилиште, каде што се чини се' е подредено и наменето на одржување на големите миси на отворено, верничкиот аџилак, но и религиозниот туризам. На плоштадот доминира црквата на Мајката Божја Бистричка, која постојано е доградувана и обновувана од 18 век, па до денес. Ако за почеток ве импресионира градбата, изненадувањето следува во „задниот двор“, каде што е модерно уредено огромно плато за миса на отворено. Но тука не завршува „откровението“. На ридот зад платото, со внимателно поставени скулптури и симболично насадени дрвја постои „Патот на крстот“ (Крижни пут). Секоја скулптура на ридот претставува една етапа од Исусовиот пат до Голгота, за на врвот да кулминира со Распетиото, но кога почнувате на се спуштате по патеката ги сретнувате и скулптурите на погребувањето и воскресението.
Папата Јован Павле Втори во 1999 година ја посетил Марија Бистрица, па денес таму има и негова скулптура. Инаку, вистинските верници, за мисите во Марија Бистрица доаѓаат пеш од Загреб, кој е оддалечен 42 километри, како на своевиден аџилак.
Веројатно, за многумина првата асоцијација за Хрватско Загорје е Кумровец, родното место на Јосип Броз-Тито, кое денес солидно егзистира како етно- село, а родната куќа на Маршалот на Југославија и понатаму си постои како спомен-обележје. Недалеку од Кумровец, во местото Велико Трговиште, постои уште една спомен-куќа, родната на Фрањо Туѓман, првиот претседател на независна Хрватска. Но тие спомен-обележја, колку и да се извикани и асоцијативни, кога ќе ги видите „во живо“, некако се незабележливи во однос на сета бајковитост и питомост со која ве пресретнува Хрватско Загорје. |