25.05.2012, 20:53 „Биди ин, користи рисајкл бин“ повторно во скопските градинки
Друштвото за управување со отпад од пакување „Пакомак“ и Здружението за заштита на животната средина и просторно планирање „Планктониум“ организираат едукативни еко-работилници во детската градинката „13 Ноември“ во Општина Центар во Скопје. Во рамките на веќе познатата еко- акција „Биди ин, користи рисајкл бин“, минатава седмица се одржаа работилници во двата објекти на оваа градинка: на 21 мај во објектот „Парк“, а на 22 мај во објектот „Кукушка“.
Преку еко-работилниците им се овозможи на најмладите да научат за намалување на отпадот, негова повторна употреба, селектирање, рециклирање и отстранување.
„По успешните еко-едукации во трите објекти на детската градинка ’Корчагин’, решивме да продолжиме со акцијата и да им овозможиме на децата од другите градинки да се запознаат со различните еко-процеси. Сметаме дека е неопходно уште од најрана возраст децата да се запознаат со начините на кои можат да ја заштитат животната средина и да обезбедат здрава и чиста средина во која ќе живеат“, изјави извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.
„Секогаш е предизвик да се приближи ваква деликатна тема на мали деца, а при тоа тие навистина да разберат и да научат нешто. Претставува огромно задоволство кога добиваме позитивен фидбек од нив, а уште поубаво е кога гледате како се развива еко-културата меѓу најмладите“, изјави Ирена Апостолова, претставник од Здружението за заштита на животната средина и просторно планирање, „Планктониум“.
Во рамките на еко-работилниците, „Пакомак“ ги обезбеди детските градинки со сет од различни корпи за отпадоци. Следејќи ги правилата за селекција, децата ќе треба да го сортираат отпадот и да го фрлат во корпата која е наменета за одредениот рециклажен материјал. |