10.09.2012, 17:26 Не се знае колку болни умираат од болнички инфекции
Никој во државата не води евиденција, ниту, пак, има контрола на инфекциите што се појавуваат во болниците и на клиниките
Јасмина Јовановска
Колку луѓе умираат по болниците од бактериски инфекции во земјава не се знае. Никој во државата не води евиденција, ниту, пак, има целосна контрола на инфекциите што се појавуваат по болниците и клиниките. Болничките зарази се оставени на тимови за интрахоспитални инфекции, кои во повеќето болници се повеќе проформа отколку што нешто работат, неофицијално обвинуваат микробиолози. Прашање е колку овие тимови ги пријавуваат или ги кријат болничките инфекции, кога тие немаат законска обврска да ги пријават, освен ако некоја бактерија не зарази повеќе пациенти и не се појави епидемија.
Институтот за јавно здравје вели дека за болничките инфекции се надлежни центрите за јавно здравје, а од таму, пак, не сакаат да откријат колку инфекции се пријавуваат годишно. Не е активна ни Комисијата за контрола на болничките инфекции при Министерството за здравство, која работела на стратегијата за спречување на инфекциите по болниците и тука запрела. Од Комисијата велат дека не се состанале речиси две години, ниту дека ги повикал министерот за здравство Никола Тодоров за да им објасни дали треба да продолжат да работат или не.
„Не знаеме дали сме разрешени или не. Откако Тодоров стана министер не сме се сретнале ниту еднаш за да ни објасни дали Комисијата треба да продолжи да работи каде што застана, или да не' разреши“, вели микробиологот Катја Поповска, претседател на Комисијата и на Здружението за контрола на болнички инфекции.
А, оваа Комисија има толку многу да му каже на министерот, посебно за националната стратегија и платформа како да се спречат болничките инфекции и кои стандарди треба да се воведат, што треба да е основа, од каде треба да тргне превенцијата против инфекциите. Без овој сегмент да добие правна рамка и да се воспостави систем на пријавување и контрола, не може да се знае каква е состојбата со болничките инфекции во земјава.
Комисијата, иако била на прагот на озаконување на болничките инфекции, како што дознаваме, била стопирана од некои правници во Министерството за здравство со образложение дека е правно неиздржана, и покрај тоа што имала согласност од Секретаријатот за законодавство.
„Како може да знаеме колку болнички инфекции има по болниците и клиниките кога освен ако нема епидемија, здравствените установи немаат обврска да ги пријавуваат поединечните случаи на бактериски зарази. А, ако хоспиталните инфекции се во пораст и во земјите со систем на контрола, може само да се замисли колку ги има по нашите болници“, објаснува Поповска и додава дека за да се намали ризикот од болнички инфекции не е доволно само да се одржува хигиената. А, токму со такви сфаќања се повеќето болнички тимови за инфекции, посебно оние од болниците во внатрешноста. За Поповска проблем е и тоа што тимовите не се доволно едуцирани, а најфрапантно е што на такви места се ставаат несоодветни лица.
„Има лекари кои кога ќе се постават во болничките тимови за инфекции велат дека не знаат ни што треба да работат. Па, ако не знае што му е обврска како ќе врши ваква одговорна работа“, прашува д-р Поповска.
Оттаму прашање е како може да не се зголемува бројот на болничките инфекции, кога болниците и клиниките ни од далеку не ги задоволуваат ни минималните стандарди за стерилизација и дезинфекција на инструментите и просторот. Но, во овој сегмент работите мрднаа од мртва точка и деновиве Министерството за здравство испратило допис до сите болници и клиники дека треба да имаат апарати за перење на инструментите, постапка која треба да претходи на стерилизацијата.
„Тоа е основата од каде што треба да се тргне за да се намали ризикот, но тоа ни од далеку не се вистинските стандарди кои се неопходни за да функционира една болница и да се намалат болничките инфекции“, вели Маја Марковска од Здружението за стерилизација и дезинфекција.
Во овој сегмент, иако има подобрување, се' уште има болници каде што стерилизацијата на инструментите се прави со автоклави и по 25 години и воздухот се прочистува со УВ-ламби.
„Не може да се каже во која болница е најлоша состојбата, во која е најдобро, туку дека има одредено подобрување во одржување на хигиената, посебно откако министерот почна да упаѓа ненајавено и да има почести контроли“, вели Марковска, според која најдобро е болниците да воспостават централни системи за стерилизација.
Од Министерството за здравство не ни одговорија дали Комисијата е разрешена, и ако не, зошто не е активна. |