05.10.2008, 16:08 Пејлин го обвини Обама за дружење со терористи

Пејлин алудираше на врската меѓу Обама и Бил Ерс, поранешен член на милитантната "Ведер андерграунд"
ИНГЛВУД - Кандидатот за потпретседател на републиканците, Сара Пејлин во саботата го обвини демократскиот кандидат Барак Обама за "дружење со терористи", што е најнов знак дека американската изборна кампања станува се понепријатна. Коментарот на Пејлин, чиј кандидат за претседател Џон Мекејн, е во трка со Обама за претседателска функција на изборите на 4 ноември, беше отфрлен од кампањата на Обама како "бедна политика" и следеше кусо време откако кампањата на Мекејн го нарече американскиот сенатор од Илиноис лажго. Во услови кога анкетите за јавното мислење покажуваат дека Мекејн заостанува зад Обама во многу решавачки држави, меѓу кои неколку во кои републиканците победија на изборите во 2004 година, Пејлин рече:"Постои време кога ракавиците треба да се извадат и тоа време е токму сега".
Во говор на собир за собирање парични средства во Инглвуд, Колорадо, таа започна напад врз Обама само неколку денови откако двајцата кандидати побараа од Конгресот да ја остави на страна пристрасната политика и да усвои пакет мерки за финансиски спас од 700 милијарди долари, во обид да заживеат кредитните пазари. "Нашиот опонент, ја гледа Америка, се чини, толку несовршена, доволно несовршена што другарува со терористи кои би ја нападнале сопствената земја", рече Пејлин за Обама, и исто така го нарече срам.
Пејлин цитираше напис во "Њујорк тајмс" од саботата во кој се испитуваше односот на Обама со Бил Ерс, поранешен член на милитантната организација "Ведер андерграунд" од времето на виетнамската војна, кој сега е професор на универзитетот Илиноис во Чикаго. "Њујорк тајмс" заклучи дека тие не биле блиски. Портпаролот на Обама, Хари Севјуган рече:"Денес тимот Мекејн-Пејлин ја однесоа нивната дискредитирана, нечесна кампања еден очаен чекор понатаму, најавувајќи дека ќе се обидат "да завртат страница на оваа финансиска криза" и ќе извршат повеќе лични напади врз сенаторот Обама". "Наместо да понудат решенија за работоспособните Американци и семејствата кои се пробиваат низ слабата економија, тие понудија повеќе бедна политика и лажни напади", истакна тој во изјавата.
Во говор на настан за собирање парични средства во Ешвил, Северна Каролина, во саботата ноќта, Обама не се осврна директно на коментарите на Пејлин, туку изјави пред приврзаниците дека ќе продолжи да води позитивна кампања. "Повеќето од луѓето се уморни од политиката на одвраќање, политиката на поделба...која кажува дека патот да се победи на изборите е едноставно да се користат непријатни реклами и лаги за нивните опоненти", рече тој.
Обама работеше со Ерс во одборот на една фондација во Чикаго, и рече дека имал само осум години кога "Ведер андерграунд" го извршила најпознатиот бомбашки напад. Тој, исто така, забележа дека поранешниот претседател Бил Клинтон помилувал двајца членови на групата во последните денови од неговото претседателствување. Претходно, кампањата на Мекејн го опиша Обама како дрзок лажго во однос на тоа како го окарактеризира планот на републиканците за реформа на здравственото осигурување. (Ројтерс)
|