02.03.2012, 16:36 Смени го каналот
Ранко за МАНУ, Сашко за зет
Јасминка Павловска
Еднаш годишно, откако „Оскарот“ го преместија да се случува во последната недела спроти понеделник во февруари, во македонскиот етер се случува ретка појава, ТВ-викенд со гала-приредби. Па така минатата сабота вообичаениот термин од работните денови за Хурем султан и харемската дружина на Канал 5 беше спектакуларно најавен и пополнет со шоуто „Златна бубамара на популарноста“ од домашно производство. Во неделата, пак, во термин кога Македонците спијат, Миланка Рашиќ доследно и упорно настојуваше навремено да информира и филмски да едуцира на Сител, како од самото место на настанот, за оскаровските награди и гламур. Треба ли да се праша што гледавте? Или знаете ли кој ги доби наградите на „Бубамара“, а кој на „Оскарот“?
Прашањава нека си останат реторички неодговорени, зашто споредбите на „Златна бубамара“ и холивудскиот „Оскар“ може да прозвучат иронично и тоа за чудо во корист на Ранко Баце и Сашко Коцев. Најавената реприза за в недела (4 март) на „Златна бубамара“, а неспоменувањето на нешто слично за „Оскарот“, доволно јасно говори дека македонските ТВ-гледачи имаат повеќе потреба од гламур и хумор „мејд ин Маседонија“ отколку за оригинален холивудски црвен тепих. Меракот за преносите и репризите на „Оскарот“ го потрошивме уште кога тие беа „програмски успех“ на МТВ, значи некаде на крајот од минатиот век.
А „Бубамара“ сега веќе се чека некаде од Нова година, се случува во февруари и се раскажува до мај. Се чини дека ефектот од годинешниов собир на популарните во Македонија, по ефектното прстенување како своевидна апликација за стапување во брак на водителот Сашко Коцев, ќе трае барем до неговата свадба. Кога и да се случи!
Во времето на првите изданија на „Златна бубамара на популарноста“ и додека постоеја некои други домашни естрадни годишни награди, се внимаваше во одредувањето на термините на одржување. Не толку за да не се совпаднат со ТВ-преносите и снимките, колку за да не се сретнат во ист термин во Универзална сала, како невести во матично. Но, годинава Ранко одеше на „ризик јак“, па му влета во „шеснаесетник“ дури и на „Оскарот“!
Дури ни самиот Ранко нема да ви каже дали на почетокот имал навистина сериозни намери со „Бубамара“. Ниту дали сега настапува со сериозни намери. Колку итро и да му пријдете, мудро да го распрашувате, да му се потсмевате или да му се додворувате... Ранко нема да се „издаде“ дека тргнал на патување без превоз, т.е. дека флертувал без подлабоки намери.
Феноменот на оваа манифестација е токму како дефиницијата што еднаш ја даде македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов за македонската демократија - „Изгледа шашаво, но функционира“. Но, секако, тоа на „Златна бубамара“ повеќе и' прилега отколку на македонската демократија. Веројатно и затоа сите ја сакаат, дури и кога ќе бидат исмеани, па наградени. И така, на шега, на смеа, (не) сериозно, но сосема професионално, Ранко Бубамара и неговата манифестација преживеаја 15 години.
Не само што преживеаја туку станаа „цитиран авторитет“, замена за матично, прозорец кон регионот („Фејсбук“ е преполн со воодушевувачки откритија на групите „САРС“ и „Дубиоза колектив“, токму по оваа манифестација), научно-политички фактор. Вистинско време е Ранко да се кандидира за МАНУ, а Сашко Коцев да се реализира како зет. „Оскарот“ можеби ќе си дојде сам од себе. Како и се' на „Златна бубамара на популарноста“! |