02.03.2012, 15:19 Лауреатот на „Балканика“ ќе се избира викендов во Скопје
Одлуката ќе ја донесе седумчлено меѓународно жири преку три круга на гласање, а лауреатот ќе биде соопштен во недела кога манифестацијата ќе заврши во кино „Фросина“
ФОТО: Киро Попов
Од седум дела од Балканот меѓу кои и книгата „Човечулец“ на Александар Прокопиев во издание на „Магор“, утре во Скопје ќе се избира победникот на меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2012 година.
Одлуката ќе ја донесе седумчлено меѓународно жири преку три круга на гласање, а лауреатот ќе биде соопштен во недела кога манифестацијата ќе заврши во кино „Фросина“.
Во конкуренција за 15. „Балканика“ покрај „Човечулец“ на Прокопиев се и „Коли и други раскази“ од Здравка Евтимова од Бугарија, „Крстопатот на Константин“ од Дејан Стоиљковиќ од Србија, „Црвеното на биковите“ од Мира Мекси од Албанија, „Ќе се случи нешто, ќе видиш“ од Христос Економу од Грција, „Огнот на кармата“ од Ома Станеску од Романија и „Камена куќа“ од турската писателка Асли Ердоган.
Авторот Прокопиев денеска на прес-конференција посака изборот да тече по естетски критериуми. Писателите, како што рече, во последно време стануваат се по невидливи, потиснати од политичарите и постојаните социјални случувања.
- Кога ќе влезете во страста на пишување, тоа е навистина страст. Знаете дека уште многу луѓе ќе ја наследат таа страст и дека вие сте наследник. Се надевам на убаво дружење, почит и љубов кон литературата пред се, истакна Прокопиев.
Македонскиот член на интернационалното жири Елизабета Шелева информираше дека жирирањето ќе се одвива двојазично, на англиски и на француски јазик, зависно од изборот на членовите на жирито. Според неа, суштинското прашање е според кој критериум треба да се доделува наградата.
- Дали е најважно жирито да се осврне на книгатата или авторот кој одразува некакви локални и регионални специфики, односно балканска проблематика, или критериум да биде самата стилска, поетичка и естетска вештина на авторот и делото и неговата подготвеност за експериментирање, нагласи Шелева. - Полека се празни арсеналот на балканолошки и балканистички теми во лоша смисла на зборот, а авторите кои конкурираат се сосема ослободени од бремето на балканизмот како негативна категорија, додаде таа.
Организатор на изборот на македонски претставник е издавачката куќа „Магор“. Книгата на авторот што ќе ја добие „Балканика“ ќе биде преведена на јазиците на седумте земји-учеснички во изборот.
Венко Андоновски е единствен македонски писател што ја има освоено наградата - во 2001 година за романот „Папокот на светот“.
|