01.03.2012, 15:37 Клуч за фирмата чии работници настрадаа од лифт
Забрана за вршење на дејност доби фирмата чии работници се повредија пред неколку дена додека сервисираa лифт на Клиниката за психијатрија, информираше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тој додаде дека инспекторатот увидел дека има неправилности во работењето, бидејќи на работниците кои се повредија не им биле обезбедени соодветните услови за работа, односно не биле почитувани законските одредби за здравје и безбедност при работа.
Министерот Ристовски не прецизираше на колкав временски период е издадена забраната за фирмата, но истакна дека тоа ќе зависи од она што е констатирано на терен на местото на настанот, како и од увидот дали има пропусти и на другите места каде таа вршела сервисирање на лифтовите.
Пред два дена министерот најави и можна кривична одговорност за фирмата доколку се покажат точни првичните сознанија дека имало пропусти во обезбедувањето услови за безбедност и заштита при работа.
Три лица вработени во приватна фирма за сервисирање лифтови во понеделникот попладнето беа повредени при пад на лифт на Клиниката за психијатрија во Скопје. |