29.02.2012, 15:42 Пресудата за „Пајажина“ за две недели
Првостепената пресуда за случајот во кој како обвинети се јавуваат сопственикот на згаснатата телевизија А1, Велија Рамковски, и уште 22 други лица, скопскиот Кривичен суд ќе ја објави на 14 овој месец
Одлуката за определување термин за објава на пресудата доаѓа по вчера одржаното судско рочиште на кое и последната група бранители и обвинети го дадоа својот завршен збор. Одлуката на судот е логичен след на настаните со оглед на тоа што Јавниот обвинител кој постапува во предметот наречен „Пајажина“ не најави реплика на завршните зборови на обвинетите и на нивните адвокати.
Финишот на оваа судска постапка доаѓа на една недела пред да измине една година од денот кога беше поднесен обвинителниот акт. Ова значи дека оние деветмина обвинети, кои ја издржуваат мерката притвор уште од денот кога беа спроведени во судот, не ќе можат да излезат од притвор и правосилноста на пресудата да ја чекаат на слобода. Токму поради тоа што судот успеа да го запази рокот, Велија Рамковски и другите притворени, и по 14 месеци во затворот „Шутка“, и натаму остануваат зад решетки.
Каква ќе биде одлуката на судот ќе се знае наскоро, но бранителите своето мислење за тоа како течеше целата постапка го коментираа повеќе пати и токму поради нивните ставови можно е да се очекува жалба по пресудата без оглед на нејзиниот исход. Тие, по одржани 80 судски рочишта, се на став дека судот бил пристрасен во постапката, дека не биле изведувани докази кои се од значење за обвинетите, но и тоа дека некои работи се докажувале со фотокопии, а што е спротивно на законот. (Љ.С.)
|