01.03.2012, 14:08 Јанкулоска: МВР има нови информации за уривањето на „кингерот“
Таа апелираше до јавноста за трпение, бидејќи во овој случај станува збор за предмет кој е стар веќе осум години и затоа неколку денови или неколку недели не се пресудни во однос на откривање на вистината.
МВР има нови информации и нови моменти, но ќе се воздржам од нивно коментирање бидејќи сметам дека професионалните стандарди налагаат обвинителот да биде тој што ќе зборува за евентуалните нови моменти и нови причини за отворање на истрага, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со барањето за повторно разгледување на причините за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски.
Таа апелираше до јавноста за трпение бидејќи, како што потенцира, во овој случај станува збор за предмет кој е стар веќе осум години и затоа неколку денови или неколку недели не се пресудни во однос на откривање на вистината.
- Затоа е важно да имаме трпение и да му оставиме доволно време на обвинителот да направи анализа на сето она што дополнително му е доставено и да излезе со став дали постои простор за нова истрага, односно за отворање на постоечката истрага, истакна Јанкулоска по денешното парафирање на меморандумот за соработка за проектот „Профилирање на британскиот модел на криминалистичко разузнавање во РМ“.
Јавниот обвинител Љупчо Шврговски вчера најави дека одлуката на обвинителството за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, може да се смени доколку во новиот извештај се изнесени дополнителни докази кои укажуваат дека постои друга причина што била клучна за падот на авионот кај Мостар. Првичната одлука на Обвинителството беше дека „кингерот“ со кој патуваше Трајковски се урнал поради грешка на пилотите.
Владата на завчерашната седница донесе заклучок Извештајот за несреќата со сите нови докази и факти да се достави до Јавното обвинителство и до Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба на Босна и Херцеговина, со барање за повторно отворање на истрагата од страна на земјата што ја водела истрагата.
Извештајот за истрагата за несреќата ќе се достави и до Комитетот за правни прашања и човекови права при Европскиот парламент, до Советот на Европа, како и до Андреас Грос, евро-пратеник од Швајцарија, кој е автор на Информацијата за спроведената истрага заради разјаснување на наводно сомнителната смрт на поранешниот претседате.
Воздухопловни експерти извештајот го подготвувале три години и откриле спорни моменти кои не биле земени предвид во претходните истраги.
Јавното обвинителство сега треба да одлучи дали со новиот извештај може да се отвори нова истрага за авионската несреќа којашто се случи пред осум години во близина на Мостар.
|