01.03.2012, 15:33 Вељановски лобира за укинување на австралиските визи
Канбера - Веднаш штом ќе биде назначен новиот министер за надворешни работи на Австралија ќе поднесам писмено барање за признавање на Република Македонија под уставно име, за олеснување на визниот режим за македонските граѓани и за отворање конзуларно претставништво на Австралија во вашата држава, вети пратеничката Џули Бишоп, министер во сенка за надворешни работи и трговија, по средбата со македонската собраниска делегација во Парламентот во Канбера.
На состанокот со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски и членовите на делегацијата стана збор и за можноста за билатерална соработка во сферата на трговијата и за зголемување на економската размена. Австралија е заинтересирана за нови пазари и е земја која е ориентирана на извозот, рече Бишоп. Пратеникот Хери Џенкинс, кој, како што рече, е лобист и адвокат за прашањата кои ја засегаат Република Македонија, посочи дека односите меѓу двете држави стануваат се посилни.
- Во последните 20 години Македонија доби многу пријатели во австралискиот Парламент, кои заедно во еден глас ги артикулираат прашањата што ја засегаат Републиката. Имајќи предвид дека Република Македонија го има олеснето визниот режим кон граѓаните на Австралија, сметам дека е соодветно да ги направиме сите напори за олеснување на визниот режим за македонските граѓани, истакна Џенкинс. Македонската собраниска делегација имаше средба и со членовите на парламентарната Заедничка постојана комисија за надворешни работи, одбрана и трговија на Австралија, на која австралиските парламентарци се интересираа за прашањето во врска со името, за НАТО и ЕУ интеграциите, за секторите во кои има најголема вработеност и невработеност во Македонија, за земјоделството и за климатските промени.
По завршувањето на овие три средби делегацијата на Собранието на Република Македонија од Канбера отпатува за Сиднеј.
|