29.02.2012, 15:25 Владата и ЗНМ се уште далеку од договор
Претставници на ЗНМ и на Владата вчера во Министерството за правда ја одржаа последната рунда разговори посветена на декриминализацијата на клеветата и навредата
Здружението на новинарите на Македонија и Владата се уште се далеку од договор, информираат извори во Владата посочувајќи дека претстојат долги преговори кои би траеле и неколку месеци.
Претставници на ЗНМ и на Владата вчера во Министерството за правда ја одржаа последната рунда разговори посветена на декриминализацијата на клеветата и навредата.
Претседателот на Владата Никола Груевски во саботата изјави дека процесот на преговори за декриминализацијата на клеветата и навредата е процес што се уште не завршен. Тој истакна дека треба да оди паралелно со поголема професионализација на новинарите и поголемо чувство на одговорност на секој новинар.
Претходно, вицепремиерката Теута Арифи и претседателот на ЗНМ Насер Селмани на прес-конференција објавија дека двете страни се блиску до постигнување договор.
Претставници на Владата и на ЗНМ преговараат за целосна декриминализација на клеветата и навредата, нејзино бришење од Кривичниот законик и оваа материја да биде уредена со граѓански закон.
|