01.03.2012, 14:30 Кире Лазаров до 2014 во Атлетико Мадрид
За најдобриот македонски ракометар и еден од најдобрите светски играчи на десната бековска позиција беше заинтересиран и бундеслигашот Хамбург, но Лазаров одлучи да продолжи да настапува за својот сегашен клуб
Кирил Лазаров ќе го носи црвено-белиот дрес на Атлетико Мадрид уште две сезони. Најдобриот стрелец на неодамнешното Европско првенство во Србија денеска го продолжи договорот што истекуваше во јуни годинава до крајот на сезоната 2013/2014. Капитенот на македонската репрезентација својот потпис го стави на пригодна церемонија организирана во ВИП-салонот на стадионот „Висенте Калдерон“.
„Немав никакви дилеми околу продолжувањето на договорот. Екипата и тренерот Талант Душебаев беа решавачки фактори. Тоа е големо семејство на искусни играчи, под водство на најдобриот тренер, а тоа е се' што е потребно за освојување титули“, изјави 31-годишниот десен бек на европскиот вицешампион, до ланската преселба во Мадрид познат како Сиудад Реал. „Ќе дадам се' од себе за да ја оправдам довербата што ја имаат во мене и соиграчите и Стручниот штаб. Имаме тим составен од најдобрите ракометари во Европа. Под водство на искусниот Талант, чувствувам дека сме подготвени за големи нешта во иднина и за освојување многу титули, на радост на црвено-белите фанови“.
Задржувањето на Лазаров и на Душебаев е контраудар од трикратниот европски првак за амбициозниот бундеслигашки титулар Хамбург, кој сакаше да ги доведе во пакет, не прашувајќи за цена. За рекордерот по бројот на голови на едно ЕП (Србија 2012) и СП (Хрватска 2009) интерес пројавија и Монпелје и Веспрем, во кој помина пет сезони. (Р.Д.)
|