01.03.2012, 09:02 Срамен пораз од аматерите на Луксембург
Македонската фудбалска репрезентација ни приреди уште едно непријатно изненадување (1:2). Селекторот Тошак изјави дека поразот е засрамувачки за него
Нашите најдобри фудбалери синоќа во пријателски натпревар загубија со 2-1 на гостувањето кај 133. рангираната селекција на ФИФА листата, Луксембург.
Македонија поведе со голот на Ферхан Хасани во 25. минута, на асистенција на Горан Пандев. Домаќините изедначија во 57.минута преку Морис Девил, а истиот играч го постигна и победничкиот гол во 90.минута.
Стартната постава на Македонија ја сочинуваа: Нурединоски, Тодоровски, Лазевски, Шиков, Глигоров, Демири, Ибраими, Хасани, Пандев, Наумовски.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак, по неочекуваниот пораз од аматерите од Луксембург изјави дека е крајно разочаран од односот на дел од фудбалерите. Велшанецот во изјава за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија вели дека не можел да ги препознае своите избраници.
„Навистина сум разочаран од она што се случи на средбата со Луксембург. Доживеавме пораз со гол во последните моменти од средбата, пораз кој е засрамувачки за мене и не го очекував. Она што особено ме загрижува е што воопшто не постои дисциплина во играта кај дел од играчите. Вториот гол го примивме по банална грешка и повеќе би рекол неодговорност кај дел од нив. Дозволивме по наш корнер противникот да изведе контранапад три на еден и да постигне втор погодок“, вели Тошак.
|