01.03.2012, 09:41 МЗТ Скопје убедлив против вечниот ривал Работнички
„Металците“ славеа со високи 78:58 и ја задржаа челната позиција на табелата
Лидерот на табелата во кошаркарската Суперлига, екипата на МЗТ Скопје Аеродром синоќа со 78:58 го победи вечниот ривал Работнички и остана на челната позиција на табелата. „Аеродромци“ на својот терен во „Јане Сандански“ во текот на целиот натпревар ја имаа контролата на резултатот и не му дозволија на противникот да фати приклучок.
Тодор Гечевски со 19 и Огнен Стојановски со 18 поени беа најефикасни во победничката екипа, а Немања Јелесијевиќ иако беше најефикасен на натпреварот со 21 поен не му помогна на својот тим да го избегне поразот.
Ова беше последно „вечно“ дерби во шампионатот, бидејќи Работнички не успеа да се пласира во плеј-офот, а можност овие две екипи уште еднаш да се сретнат сезонава ќе имаат во Купот доколку победат во четвртфиналните натпревари.
На вториот вечерашен дуел од 6.коло, шампионот Фени Индустри во Кавадарци со 101:67 го победи Куманово и остана во чекор со МЗТ Скопје.
Послед��иот натпревар од оваа рунда се игра утре во Сарај, каде Лирија го пречекува Торус Спортски Центар Борис Трајковски.
Табела: МЗТ Скопје Аеродром 40 бодови, Фени Индустри 40, Торус СЦБТ 35 (натпревар помалку), Лирија 34 (натпревар помалку), Куманово 31 и Работнички 29.
|