02.03.2012, 15:56 Годинава ќе биде потешка од лани
Оваа година ќе биде тешка за бизнисите во светот, покажува истражувањето на „Грант Торнтон“
Глобалниот економски изглед предводен од кризата во еврозоната го зголемува стравот дека растот на бизнисот оваа година ќе биде уште потежок од 2011. До овој заклучок за состојбите и бизнис-климата „Грант Торнтон“ дошол врз основа на истражувањето спроведено во декември лани, подготвено врз основа на анализа на 13.000 компании од 40 земји од различни делови во светот. Извештајот покажува дека изгледите за пораст на зрелите пазари се слаби, додека пак глобалната економија ќе ја водат пазарите кои се во развој. Глобалниот оптимизам за бизнис во четвртиот квартал од 2011 година стои на 0 отсто, што укажува баланс меѓу оние бизнис-лидери кои чувствуваат оптимизам за 2012 и оние кои заземаат песимистички став. Оптимизмот во Европа во четвртиот квартал паднал од 0 на -17 проценти, а во еврозоната од 2 на -16 отсто.
Бизнисите во Грузија, Перу, Бразил, Филипини и Индија покажуваат најголем оптимизам за 2012 година. Потоа следат Обединетите Арапски Емирати, Ерменија, Чиле, Мексико и Јужна Африка. Оптимизмот, пак, е на најниско ниво во земјите од ЕУ-зоната, каде што се забележува високо ниво на песимизам кај некои нејзини членки како Грција, Франција и Шпанија.
Според анализите, глобалните очекувања се дека оваа година ќе има драматичен пад во изгледите за раст на бизнисите – приходите, профитот и извозот, кои се очекува значително да се намалат во третиот квартал на 2012 година. „Резултатите од бизнис-оптимизмот се одраз на опасната позиција во која се наоѓа глобалната економија. Се гледа поларизација на деловната доверба меѓу Европа и остатокот од светот. Европа страда од акутна криза на доверба и постои закана дека тоа може да се прошири низ целиот свет. Неизвесноста и незнаењето како ќе завршат работите на крај, ги гушат изгледите за раст на бизнисот“, смета Ау Енг Хаи, партнер на програмата за доживотно учење Фу Кон Тан на „Грант Торнтон“.
Сите овие случувања на европските пазари неминовно ќе влијаат и врз економијата во земјава. Славчо Филипчев, исто така партнер во „Грант Торнтон“, смета дека фирмите ќе мора да се борат со конкурентноста.
„Низ целиот свет изгледите за можност за раст се измешани. Неизвесност постои и за Македонија. Ефектите не може прецизно да се предвидат. Претпријатијата ќе треба да работат понапорно од кога и да е, за да ги одржат маргините и конкурентноста во оваа економска состојба. Стабилната монетарна политика, фискалната одржливост сепак даваат мала сигурност дека песимизмот нема да преовладее“, изјави Филипчев. (Ек.Р.)
|