04.03.2012, 11:08 Почнаа претседателските избори во Русија
Во Русија денеска се одржуваат претседателски избори, шести во модерната историја на земјата, на кои меѓу петте кандидати, фаворит е актуелниот премиер и лидер на партијата Единствена Русија, Владимир Путин.
Правото на глас ќе го искористат вкупно 108.138.000 гласачи во Русија, кои од осум часот наутро до 20 часот по локално време, ќе гласаат на околу 95.000 гласачки места.
Кандидати на изборите, освен Путин, се и лидерите на Комунистичката партија на Русија Генадиј Зјуганов, националистичката Либерално демократска партија на Русија (ЛДПР), Владимир Жириновски, Праведна Русија (СР), Сергеј Миронов и независниот кандидат Михаил Прохоров.
Претседателот за прв пат се избира на мандат од шест години, што беше овозможено со амандманот на Уставот, усвоен во декември 2008 година.
Претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) Владимир Чуров соопшти дека се испечатени 111.072.000 гласачки ливчиња, а освен тие во Русија, право да гласаат за претседател ќе имаат и 1,8 милиони Руси во странство кои тоа ќе можат да го направат на 400 гласачки места во 147 дипломатски и конзуларни претставништва.
Централната изборна комисија вети дека првите официјални резултати ќе ги соопшти уште утрото на 5 март. Законот предвидува рок од 10 денови за соопштување на конечните резултати. Официјалните резултати ќе бидат објавени на 17 март, а претседателот на Русија треба да стапи на должност на 7 мај.
Претседателските избори ги следат повеќе од 6.000 новинари, од кои во Москва се акредитирни 800. Изборите ги следат 685 меѓународни набљудувачи.
Гласачките места низ целата земја ќе ги обезбедуваат 400.000 полицајци, а во Москва околу 36.500.
|