01.03.2012, 13:53 Патнички воз излета пред станицата во Тетово
Патнички воз кој сообраќал на релација Скопје - Кичево вчера околу 9 часот излетал од шините, на околу 500 метри пред станицата во Тетово. Нема повредени патници, кои се наоѓале во двата вагона. По извесно време, возот повторно бил вратен на шините, а попладнето во 17 часот случајот е пријавен во СВР Тетово, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
При полицискиот увид утврдено е оштетување на елементи од бравата на свртницата, кое најверојатно го причинило излетувањето и кое соодветно ќе се вештачи.
- Вкупната материјална штета причинета со излетувањето на возот се проценува на околу милион денари. Се преземаат активности за целосно расветлување на сите поединости поврзани со овој случај, изјави Јосифовски.
|