01.03.2012, 11:59 Францускиот културен центар се ребрендира во Француски институт
Во Скопје вечерва во 18 часот на свечен начин ќе биде отворен Францускиот институт во истите простории во „Градски ѕид“ во центарот на градот, каде што претходно функционираше како Француски културен центар
Со реновираните простории, според директорот Жан Ив Лавоар, Институтот сака да покаже дека Франција, освен што има брилијантно културно минато, е и земја на денешнината, земја која во себе ја носи авангардата. На вечерашното отворање ќе се обратат министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милеска, и амбасадорот на Франција во земјава, Жан Клод Шлумберже, а модернизираниот ентериер е дело на на млади македонски архитекти.
„Отсега па во иднина, сите културни установи, не само Францускиот институт овде во Скопје, туку и сите културни установи низ светот, ќе бидат со ваков назив. Сакавме да го искористиме тој бран на преименување за наедно и да го модернизираме ентериерот на Институтот. Во прилог на тоа дека Франција се' уште може да го изненади светот на културен план, секако, може да го вброиме и успехот што го постигна неодамна францускиот филм ’Уметникот’ при доделувањето на наградите ’Оскар‘ во Лос Анџелес“, рече деновиве директорот Ив Лавоар, кој во земјава е веќе една и пол година. „Кога дојдов овде, наидов на Француски културен центар кој беше малку застарен и сакав да му дадам модерен изглед за да ја покажеме современа Франција и тоа преку ангажирањето и млади архитекти“.
Жан Ив Лавоар смета дека уште многу треба да се работи на приемот на француската култура во Македонија. Поради тоа, Францускиот институт, во рамките на почнатата модернизација, покрај физичкото обновување на просторот, до крајот на летото ќе работи и на обновување на својата веб-страница и на создавање платформа која ќе им овозможи на граѓаните на Македонија да зајмуваат книги во електронска форма. (К.Б.)
|