01.03.2012, 14:12 Светска банка: Сиромаштијата се намалува
Бројот на сиромашни луѓе во светот во 2008 година падна на рекорден минимум, се наведува во извештај на Светска банка, базиран на истражување со кое биле опфатени 850 домаќинства во 130 земји од целиот свет. Според критериумите на авторите на студијата, под поимот „сиромашен човек“ се подразбира лице кое живее со приходи помали од 1,25 долари на ден. Според резултатите од студијата, во 2008 година во земјите во развој сиромашни биле 1,29 милијарди луѓе, што претставува 22 проценти од вкупната популација во овие држави. За споредба, во 1981 година сиромашни биле 1,94 милијарди луѓе.
Во соопштението на Банката се посочува дека ова е прво вакво намалување на бројот на сиромашните луѓе откако оваа меѓународна финансиска институција почнала да води евиденција за степенот на сиромаштија.
„Сите држави во развој остварија значителен напредок во борбата против екстремната сиромаштија, иако оние 663 милиони луѓе кои ја надминаа границата на сиромаштија и натаму се сиромашни во однос на стандардите што важат во развиените земји“, изјави шефот на истражувачкиот тим што ја изработи студијата, Мартин Равалион.
|