02.03.2012, 14:00 Банките нема да можат да ги враќаат заемите на ЕЦБ
Американската агенција за кредитен рејтинг „Стандард и пурс“ прогнозира дека на банките во еврозоната, откако добија повеќе од билион евра кредити од Европската централна банка ќе им биде полесно, но тие нема да можат да ги вратат заемите.
ЕЦБ во банкарскиот систем на еврозоната до крајот на минатиот месец инјектираше околу илјада милијарди евра, првата и втората руднда од заемите за долгорочно рефинансирање, со цел тие пари да ги заживеаат економиите во членките на монетарната унија, кои се оптоварени со долгови.
Кредитите од втората рунда во вредност од над половина билион евра ги повлекоа вчера 800 банки од еврозоната, а побарувачката на тие заеми беше поголема, отколку во декември, кога банките ги „разграбија“ заемите од ЕЦБ од 489 милијарди евра.
Високата побарувачка на кредитни средства, кои ги одобрува ЕЦБ за економистите е вознемирувачки знак, кој потврдува дека еврозоната не може да живее без вбризгување на свежо испечатени пари.
ЕЦБ за сега не планира трета рунда, бидејќи банките одредено време ќе имаат доволно средства за купување на државни обврзници на проблематичните земји од еврозоната и за подобрување на сопствениот биланс.
Постои меѓутоа голем ризик средствата од ЕЦБ да се употребат за „кери трејд“ - валутни шпекулации во земјите во развој, предупредуваат финансиските експерти во Франкфурт, каде се наоѓа седиштето на ЕЦБ.
Благодарение на акциите на ЕЦБ сега е помалку веројатна кризата на ликвидноста во европскиот финансиски систем, додека рецесијата на земјите од еврозоната ќе биде многу поблага, сметаат аналитичарите на „Стандард и пурс“. Агенцијата наведува дека гледано во целина европските банки оваа година ќе почнат да ги намалуваат долговите, ќе продаваат или затвораат филијали, ќе „детектираат“ проблематични активи и ќе го зголемуваат капиталот. Овие структурни реформи најмногу ќе ги погодат банките во најзадолжените земји во еврозоната, Грција, Португалија, Шпанија, Ирска и Италија, тврдат финансиските експерти. |