02.03.2012, 14:18 Дијалогот на високо ниво со ЕУ стартува на 15. март
Македонија на 15 март ќе започне неформален суштински дијалог на високо ниво со Европската унија
Македонија на 15 март ќе започне неформален суштински дијалог на високо ниво со Европската унија. Најапред ќе бидат отворени поглавјата 23 и 24 коишто се однесуваат на внатрешните работи, судството, медиумите и изборите. Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, тимовите на Македонија и на ЕУ на оваа средба во Скопје ќе ги предводат претседателот на Владата Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Претходно на 5 и на 6 март во Брисел ќе престојува вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи која ќе присуствува на сослушувањето за Македонија во Европскиот парламент заедно со еврокомерсарот Филе, со европратеникот Едуард Кукан и со известувачот во ЕП за земјава Ричард Ховит.
Вицепремиерката исто така во Брисел ќе има и презентација на ревидираниот Националната програма за усвојување на правото на ЕУ во Европската комисија и одвоени средни со Филе и со директорот на Директоратото за проширување на ЕУ Стефано Санино. Се очекува Арифи во Брисел да добие информации за тоа како ќе се одвива неформалниот суштински дијалог. Познато е дека динамиката на овој дијалог ќе оди заедно со Црна Гора. Дали неформалните разговори ќе ги предводи тим и дали ќе биде именуван главен преговарач ќе се знае откако вицепремиерката ќе се врати од Брисел.
Од СЕП велат дека со водење на овој неформален суштински дијалог дефинитивно си го скратуваме времето за преговори за влез во ЕУ, се разбира откако Македонија ќе добие датум за преговори.
Во СЕП не очекуваат Европската унија да врши притисок врз Македонија за исполнување на забелешките и обврските што ќе бидат дадени во однос на поглавјата 23 и 24, но, како што велат, притисок треба да си и вршиме самите врз себе. Исполнувањето на обврските, како што истакнуваат, е обврска на целото општество.
За тоа дали Македонија планира оваа година да одржи попис онака како што во извештајот на Ховит се препорачува, од СЕП велат дека нема планирано попис во 2012 година бидејќи е потребно повеќе време за да се организира.
|