02.03.2012, 15:30 Лидерите на ЕУ го потпишаа фискалниот договор
Лидерите на 25 држави членки на Еврозоната денеска во Брисел потпишаа договор за стабилност, координација и управување во економската и монетарната унија, со што практично се забранува буџетски дефицит.
„Ова е многу значајна етапа во напорите за јакнење на довербата во нашата економската и монетарната унија“, изјави претседателот на ЕУ, Херман Ван Румпуј.
Договорот за фискален пакет го потпишаа сите држави членки на Унијата, освен Велика Британија и Чешка.
Одлуката за потпишување на меѓувладиниот договор за фискална дисциплина беше донесена на самитот на 9 декември минатата година, а текстот на договорот беше дефиниран на 30 јануари.
Преку фискалниот пакт државите потписнички се обврзаа дека ќе водат врамнотежена буџетска политика, ќе го сопрат растот на долговите и ќе почнат истите да ги намалуваат.
Одредбите со кои се предвидува структурниот буџетски дефицит да не надмине 0,5 отсто од БДП, а јавниот долг да не надмине 60 отсто од БДП, државите треба да ги вградат во своите устави или закони кои имаат уставна моќ. Во случај на прекршување на договорените правила би следувале санкции.
Договорот ќе стапи на сила откако ќе го ратификуваат најмалку 12 држави членки на еврозоната, а целта е да стапи на сила на 1 јануари 2013 година.
Единствено Ирска најави дека договорот ќе го ратификува на референдум, но во случај истиот да биде одбиен, Ирците нема да имаат право да користат помош од Европскиот стабилизациски фонд.
|