02.03.2012, 12:42 Барикело ќе се обиде во Индикар
Рекордерот по бројот на настапи во Формула 1 од 25 март ќе вози на овалните патеки во САД
Возачот со најмногу настапи во историјата на Формула 1, Рубенс Барикело, ќе си ја испроба среќата и во Индикар, откако потпиша за КВ рејсинг технолоџи. Човекот што помина 19 сезони во Формула 1 и е рекордер со 322 гран-при стартови, ќе дебитира во Индикар на 25 март, кога и ќе почне сезоната на улиците на Сент Питерсбург, Флорида.
„На месечината сум“, изјави Бразилецот, чии што тимски колеги се сонародникот Тони Канан и И Џеј Висо од Венецуела. „Без размислување прифатив, бидејќи отсекогаш сум сакал да го сторам ова. Кога го сакате тоа што го работите, посакувате да истражувате нови нешта. Имате отворен ум. Со целото мое искуство ќе стартувам како дебитант, но мислам дека ќе се подобрувам како што ќе одминува годината“.
Барикело (39) ја почна својата Ф1-кариера во 1993, една година пред неговиот пријател и ментор Аиртон Сена да загине за време на трката во Имола. Возеше за Џордан, за Стјуарт, за Ферари, за Хонда, за Браун и за Вилијамс, забележувајќи 11 победи и 68 пласмани на подиумот.
|