29.02.2012, 15:44 Половина репрезентација во четвртфиналето на Еврокупот
Самарџиски, Илиевски, Војдан Стојановски и Мејси успешни со своите Литвос Ритас, Локомотив Кубан и Доњецк
Предраг Самарџиски, Влатко Илиевски и Војдан Стојановски, вклучувајќи го и натурализираниот Џеремаја Мејси, заедно патуваат во четвртфиналето од Еврокупот.
Самарџиски имаше голем удел во победата на Литвос Ритас над силниот Бенетон (80:74), играјќи исклучително важна улога во ротацијата на тимот. За 12 минути, колку што мина на паркетот, постигна шест коша, без промашување. На нив додаде и три асистенции и две блокади.
Во нападот одлично функционираше во реализација на играта „пик-енд-рол“, а во одбраната цврсто им парираше на противничките центри. Во трилер- завршницата најбитна улога одигра Реналдес Сеибутис, кој беше и најефикасен поединец на мечот со 20 коша.
Владо Илиевски и Џеремаја Мејси со Локомотив Кубан имаа тешка задача против претходно елиминираната Алба (73:70). И покрај тоа што Русите на полувреме имаа двоцифрена предност, Алба се врати во третата четвртина и го одведе мечот во неизвесна завршница. Таму токму нашите интернационалци Илиевски и Мејси одиграа најважна улога. Мејси го заврши мечот како најефикасен со 23 коша, 12 скока, шест асистенции и три блокади, кои го прават и МВП на колото. Илиевски постигна четири коша, на кои додаде три скока и четири асистенции.
Војдан Стојановски, пак, со својот Доњецк славеше над Арис во Солун со 77:66, обезбедувајќи го на тој начин првото место во групата. Стојановски за 23 минути игра постигна седум коша, а имаше и три асистенции и три украдени топки.
По овој развој на настаните јасно е дека најмалку еден наш репрезентативец ќе патува на фајнлфорот кој ќе се одигра на средината на април. Тимовите на Војдан Стојановски и Предраг Самарџиски ќе се сретнат меѓу себе во четвртфиналето, а Локомотив Кубан ќе игра двомеч со Химки. Четвртфиналињата се играат на 20 и 27 март.
|