25.04.2012, 17:17 Судството задоволно, бројките во негатива!
Првиот човек на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски, вчера се пофали дека судството е „речиси целосна ажурно“
Гордана Дувњак
Првиот човек на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски, вчера се пофали дека судството е „речиси целосна ажурно“. И покрај материјалните проблеми што ги имаат, недостаток од стручни соработници и приправниц, сепак,македонските судови имаат капацитет да се соочат со сите предизвици.
Ваквите оптимистички тези ги поткрепи и претседателката на Судскиот совет,Александра Зафировска, која присуствуваше на првиот ден од дводневната Општа седница на Врховниот суд, на која се разгледуваат годишните извештаи за работата на судовите во текот на 2011 година. Таа нагласи дека оценките за квалитетот на судиите од година во година се подобри и оти се надева дека неажурните судови ќе го надминат заостатокот на предмети.
Но, бројките искажани во анализата и не се така розови како што сака да ги прикаже судскиот врв. Во споредба со 2010 година, кога судовите почнале со заостаток од 960.837, лани ја започнале со нерешени 650.991 предмети. И бројот на примени нови предмети бил за 119.007 помалку од претходната година. Растоварувањето на судовите со пренесување на извршните предмети на нотарите и извршителите, придонел и за намалување на вкупниот број предмети лани, кога за разлика од 2010, кога имало 1.644.816, сега нивниот број изнесувал 1.215.963 предмети. Судовите решиле вкупно 920.194 предмети, што е помалку за 4,75 отсто споредено со една година порано, кога биле решени 966.146 предмети.
Минатата година речиси сите судови го совладале приливот, но со негатива останале најголемите судови. Најголем заостаток има во скопскиот кривичен суд, каде што приливот не е совладан за 5.047 предмети, Управниот суд со 2114 предмети, Врховниот суд со 1998 предмети, Скопска апелација со 969 и 5 предмети заостаток бележи новоформираниот Виш управен суд. Затоа пак, скопскиот граѓански суд покажал позитива во решавање на приливот кој е намален за 261.179 (што се должи на ангажираноста, но и на трансферот на предмети кај нотарите и извршителите). Ефикасни во совладувањето на приливот биле тетовскиот суд со 26.363 предмети, кумановскиот суд со 23.0832 предмети, битолскиот со 10.453, велешкиот со 10.471, неготинскиот со 8.065..
Раководителите на судските институции, кои не успеале да го совладаат приливот се обидоа да најдат оправдување за ваквите состојби. Претседателеот на Управниот суд, Исамедин Лимани, се пожали на сместувачките услови, рече дека се претрупани со предмети од управните органи, па судиите дури работат и во сабота. И в.д претседателот на скопскиот кривичен суд, Марјан Колишевски, но и судијата известител, констатираа дека негативната бројка во нивниот суд се должи главно на големиот број извршни дејствија и прекршоците. Но, посебно беше нагласено дека не треба да се заборави дека станува збор за единствен кривичен суд кој постапува по сложени кривични дела од областа на организираниот криминал.
|