08.10.2008, 15:44 Мислења
Измамничка стратегија
Јуџин Робинсон
Кампањата на Мекејн јасно стави до знаење дека сака да ја смени темата. Ние можеме, и треба, да ја вратиме назад
Дa видиме: финансискиот систем се' уште е во сериозна опасност, и покрај одобрувањето од Конгресот на досега невидена финансиска помош од 700 милијарди долари. Невработеноста се зголемува, економијата се забавува, а прашањето не е дали ние внатре сме за рецесија, туку колку долга и колку длабока ќе биде рецесијата. Во меѓувреме, американските војници се' уште се борат на две места - Ирак и Авганистан - каде што, по правило, странските окупатори завршуваат лошо. На терористите кои не' нападнаа на 11 септември 2001 година им беше дозволено да се прегрупираат во границите на нуклеарно вооружениот Пакистан, и тие се зафатени планирајќи нови напади.
Ретко имало поголеми или поургентни прашања за кои треба да се разговара во една претседателска кампања. Меѓутоа, Џон Мекејн сака ние да зборуваме за познајниците на Барак Обама. Тој и Сара Пејлин ќе се обидат најдобро што можат да не' натераат да зборуваме за се' друго освен за големите прашања со кои се соочува нашата земја, бидејќи повеќето Американци мислат дека решенијата на Обама се подобри отколку оние на Мекејн.
Знаејќи го тоа, дали ние од медиумите ќе дадеме помош на очигледната итрина на кампањата на Мекејн. Ние новинарите сакаме да мислиме дека сме премногу паметни за да бидеме искористени од едната или од другата страна во политичка кампања. На некој начин ние сме следбеници на Адам Смит: „Ние веруваме во сезнаен слободен пазар на информации во кој безброј индивидуални одлуки на новинарите, уредниците, фотографите, колумнистите, коментаторите и медиумските магнати - одлуки за што да се известува и како да се известува - некако чудно завршуваат преувеличувајќи ја вистината. Ние тврдиме дека не сме идеолошки, но тоа е нашата идеологија“.
Во исто време, сепак, ние мислиме за себе дека работиме во јавен интерес. Постојано ги потсетуваме сите дека нашето право да ја работиме нашата работа, колку и да ја гледаме поволна, е зацртано во Првиот амандман. Сакаме да го цитираме Томас Џеферсон дека повеќе би сакал да има весници без влада отколку влада без весници. Ретко се зафаќаме сериозно со начинот на кој понекогаш нашите Адам Смит тенденции и нашите Томас Џеферсон тенденции работат една против друга.
Оваа кампања е една од тие времиња. Сите сфаќаме дека стратегијата на кампањата на Мекејн е стратегија на одвраќање - помошниците од неговата кампања признаа дека сакаат да го сменат фокусот од економијата на карактерот, што значи лични напади врз Обама. Во недостиг на нова кал за фрлање, луѓето на Мекејн се обидуваат да ги ексхумираат обвиненијата „виновен- според дружење“ кои беа исцрпно прегледувани пред неколку месеци, за време на внатрепартиските избори. Ветувајќи дека нема да користи брзи и неправедни напади, кампањата на Обама возвраќа на ист начин.
Нашиот Адам Смит-инстинкт е да се известува за она што го изјавуваат кандидатите. Но, во џеферсоновска смисла, знаеме дека не е во јавен интерес останатиот дел од кампањата да помине во разговори за маргинални личности кои некогаш ги вкрстиле патиштата со Обама, Мекејн, Пејлин или Џо Бајден, наместо да дебатираме за економијата, војната против тероризмот, здравствената заштита или кои било други големи прашања што ќе го дефинираат идното претседателство.
Исто така, знаеме дека без оглед колку сме скептични кога пишуваме за лажни тврдења, самото пишување за нив им дава поширок оптек. Така, кога Пејлин поставува прашање за љубовта на Обама кон з��мјата, бидејќи Обама познава некого кој направил нешто непатриотско кога Обама имал осум години, нашиот слободнопазарен етос не' тера да побрзаме за да го пренесеме секој нејзин смешен збор. Исто така, наоѓаме начини да соопштиме дека тоа е чисто клеветење и ништо повеќе од цинична тактика на кампањата, но тоа не е важно за кампањата на Мекејн. Она што е важно е дека пишуваме и зборуваме за тие ирелевантни работи, а не за прашањата за кои анкетите покажуваат дека гласачите навистина се грижат.
Ако ние во медиумите навистина веруваме во она што го зборуваме за служење на јавниот интерес, имаме должност да избегнуваме да бидеме претворени во инструменти на масовно одвраќање. Секако, треба да известуваме за она што го изјавуваат кандидатите, ставајќи ги нивните зборови во контекст и укажувајќи кога кандидатите претеруваат или лажат. Но, исто така, треба добро да размислиме колку значење им даваме на клеветите и на контраклеветите.
И треба да бидеме непопустливи во барањето кандидатите да зборуваат за економијата и за војните и за местото на Америка во светот. Ако тие не сакаат да бидат интервјуирани, ние можеме да им ги искажеме нашите прашања. Ако тие вршат опструкција, можеме да ги пресечеме. Ако даваат двосмислени одговори, можеме да поставиме дополнителни прашања се' додека останеме без здив.
Кампањата на Мекејн јасно стави до знаење дека сака да ја смени темата. Ние можеме, и треба, да ја вратиме назад.
(Авторот е колумнист на „Вашингтон пост“) |