19.04.2013, 17:18 Се множат проблемите во „Злокуќани“
Станарите во комплексот „Злокуќани“ продолжуваат со обвинувањата кон инвеститорот на елитниот комплекс, Благоја Николовски. Велат дека последната работа што ја направил е целосно оградување на едно од езерата во комплексот, со што на сите им го оневозможил пристапот до езерцето, кое, пак, пред извесен период го понудил на продажба заедно со сопствената куќа.
„Со ова Николовски узурпира дел од земјиштето на комплексот кое е одржувано благодарение на средствата на станарите од самиот почеток на изградба на комплексот. Оградувањето на езерото е покажување сила, а со оглед на тоа дека е изведено без одобрение од другите станари, претставува кршење на законите. Езерото сега веќе никој не може да го користи освен Николовски, со што тој свесно ја намалува вредноста на имотите“, се вели во соопштението испратено од станарите на „Злокуќани“.
Семејствата од елитниот комплекс потенцираат дека имаат реални проблеми од самото вселување. Поучени од нивното искуство апелираат до сите граѓани да внимаваат кога купуваат станови во вакви елитни населби и, притоа, да се осигурат уште од самиот старт со договор.
Адвокатката на станарите неодамна рече дека сопствениците на куќите во комплексот се соочуваат со големи проблеми речиси уште со самото вселување. Покрај тоа што цели девет години не можат да добијат имотни листови, во последните години се спречени да се приклучат на системот за ладење и греење, оневозможени се да изберат лиценцирана фирма која ќе се грижи за одржување на комплексот, а изложени се и на закани и уцени дека ќе бидат спречени да дојдат до својот дом доколку не платат за одржување на фирмата „НИКОБ инженеринг“, која е во сопственост на Николовски. (С.Р.) |