29.10.2012, 17:56 „Успеавме да ја фатиме во последен миг, пред да падне од прозорецот“
Припадник на „алфите“ кој успеа да спаси жена пред да скокне во смрт ја раскажува спасувачката драма во Кисела Вода
Даниела Трпчевска
„Кога влеговме во станот, почувствувавме силна миризба на средства за чистење. Веднаш помисливме дека жената која сакаше да се фрли од прозорецот на шестиот кат има испиено некоја хемикалија и дека е во тешка состојба. Не знаевме што не' чека зад заклучената врата на спалната соба. Некако успеавме да го најдеме клучот од бањата и, за среќа, со истиот клуч ја отворивме и вратата од спалната соба. Полека влеговме внатре. Додека еден од пожарникарите го отвори прозорецот, ние ја повлековме внатре. Од устата и' течеше крв. Беше како во транс“. Вака се присетува на завчерашната драма што се случуваше во скопската населба Кисела Вода еден од припадниците на „алфите“, кој со својот колега успеа да спаси 35-годишна жена пред да скокне во смрт. Таа завчера дури двапати едноподруго се обидела да си го одземе животот од шестиот кат на зградата на улицата „Сава Ковачевиќ“ број 43, каде што живеела под кирија.
„Алфите“ некаде околу 16 часот вршеле патрола во реонот, кога слушнале викање на соседите, а потоа ја забележале и жената која седела на надворешната страна на прозорецот.
„Прозорецот беше речиси затворен зад неа. Во еден момент забележавме дека се наведува надолу и сака да скокне. Почнавме да викаме, да ја убедуваме да не го прави тоа. § велевме да се врати назад во станот, а во исто време колегата вртеше на телефон и бараше засилување. Се јавивме и во Противпожарната бригада и во Итна помош“, раскажува еден од „спасувачите“ на девојката, кој по��ади специфичноста на задачите што ги изведува во единицата „алфа“, инсистира на анонимност.
Додека пристигнувала помошта, „алфите“ се упатиле кон внатрешноста на зградата. Се распрашале на кој кат живее жената и во кој стан се наоѓа. Но, токму тука започнале нивните маки. Кога се доближиле до влезната врата, се обиделе да ја отворат, дури употребиле и хебла за да ја провали, но не успеале бидејќи била блиндирана.
„За сето време додека се обидувавме да ја отвориме вратата, бевме во контакт со колегите кои стоеја пред зградата и разговараа со жената. Сите бевме во грч. Оти како што ние тропавме и се обидувавме да влеземе внатре, така колегите не' известуваа дека таа се наведнува над прозорецот и се подготвува секој момент да рипне. Во еден миг успеавме да ја откорнеме врата заедно со пожарникарите. Тргнавме кон спалната соба, но и тука вратата беше заклучена. Размислувавме како да влеземе, а да не ја исплашиме. Во еден момент колегата го најде клучот од бањата, пробавме со него и, за среќа, вратата од спалната се отвори. Додека пожарникарот го отвораше прозорецот, ние ја повлековме жената во ��обата“, раскажува специјалецот.
Докторите веднаш пристигнале и и' дале прва помош. „Алфите“ ја напуштиле собата и тргнале кон надвор, кога одеднаш се слушнало повторно врескање на насобраните луѓе пред зградата.
„Инстинктивно стрчавме повторно внатре и што да видиме. Жената беше повторно качена на прозорецот, спремна да скокне. Долу пред зградата сите викаа. Успеавме да ја фатиме во последен миг – кога се лизна од гелендерот и паѓаше надолу“, вели специјалецот, кој вчера партолирајќи низ Кисела Вода, успеал да спречи голема трагедија.
Соседите велат дека 35-годишната жена живеела сама во нова зграда која што не е целосно населена. Повеќе детали за неа не знаат. Ниту предизвикувала проблеми ниту, пак, привлекувала внимание. Никој од нив не знае каква мака ја натерала да посегне по сопствениот живот.
Последниве денови двајца скопјани си го одзедоа животот скокајќи од зграда. |