29.10.2012, 17:51 Што содржи обвинението за убиството на Марјан Тушевски
На листата на обвинети се наоѓаа Љубе Бошкоски, како и 15-мина други поранешни и сегашни припадници на полицијата
Љубиша СтанковиЌ
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, се најде на обвинителниот акт на кој се наоѓаат имињата на уште 14 други лица, обвинети дека се посредно или непосредно поврзани со убиството на скопјаните Марјан Тушевски и Киро Јанев.
Во наводите на обвинителниот акт се' уште како извршители на убиството на Тушевски се наведени имињата Предраг Чубрило и Милан Илиќ, двајцата државјани на Србија и на Предраг Ковачевиќ од Босна и Херцеговина. Како помагачи при извршувањето на убиството скопското Обвинителство ги наведува имињата на Вук Вукичевиќ од Сомбор, Србија, и на Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Љубе Бошкоски, Зоран Трајковски, Никола Негриевски, Милан Спасовски, Благоја Димитриевски, Горан Петровски, Бранислава Стечевски и Гоце Митревски.
Најголемиот број од обвинетите се или биле припадници на Министерството за внатрешни работи во време кога со ова Министерство раководел Љубе Бошкоски.
Бошкоски, во текот на истрагата која се води за случајот што се случи на 10 јули 2001 година на улицата „Атинска“ во Скопје, негира каква и да е негова поврзаност. Тој вели дека го познавал Тушевски и дека не знаел ништо за подготовката на атентатот врз него, како и тоа дека, од позиција на министер, не давал никаква логистика при егзекуцијата на Тушевски и Јанев.
Ваквата одбрана на Бошкоски е ценета од Обвинителството при поднесувањето на обвинителниот акт, но нивниот став е дека еден од обвинетите го тврдел токму спротивното, а слично тврдење имал и заштитениот сведок кој бил распрашан во текот на истражната постапка.
Во диспозитивот на обвинението и натаму останува ставот дека мотив за убиството на Тушевски биле недоразбирањата што тој ги имал со Орце Коруновски, сега покоен, а кои се однесувале на стопанисување со некои барови и дискотеки во Скопје. Обвинителството тврди дека Тушевски и Коруновски си упатувале меѓусебни закани, по што Коруновски, наводно, донел одлука да го лиши од живот Марјан Тушевски.
За да ја реализира својата намера, Коруновски го искористил и личното пријателство со тогашниот министер за внатрешни работи, кој му ветил прикривање на делото, а потоа биле ангажирани и тројцата споменати како извршители на убиството.
Во натамошниот дел од обвинението стои дека извршителите во Македонија влегле на див премин, односно дека биле илегално префрлени преку државната граница, а потоа цел месец се криеле во еден стан во Скопје. По убиството, извршителите успеале да си заминат, но полициските инспектори кои во тоа време го следеле движењето на групата не реагирале во дадениот момент со што и тие се ставиле во функција.
Само бранителите на Љубе Бошкоски, еден од петнасетемина обвинети за убиствата на Марјан Тушевски и Киро Јанев, вчера дадоа свое мислење за актот што го поднесе скопското Јавно обвинителство. „Во целата своја професионална кариера, а цели 25 години работев и како судија, не сум видел вакво обвинение. Практиката, во вакви случаи, кога обвинетите се недостапни, налага запирање на истрагата, а истражниот судија и натаму прибира докази за случајот“, изјави адвокатот Константин Кратовалиев. |