19.04.2013, 17:27 Ликовните елементи ја создадоа лирско-епската атмосфера
Емилија Џипунова
Со најновото балетско дело кое неодамна беше праизведено на големата балетска сцена при Македонската опера и балет, „Александар III Македонски“, во кореографија на гостинот од Хрватска, Роналд Савковиќ, заврши 36. „Денови на македонска музика“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.
„Александар III Македонски“ e балет во два чина, работен според музиката на Љубомир Бранџолица, кој заедно со Савковиќ е автор и на либретото. Музика инспирирана од исклучителната историска личност, големиот антички освојувач Александар III Македонски. Личност со силен карактер, култура и образование (воспитаник и ученик на големиот антички филозоф Аристотел). Исклучително сложена тема која бара длабоко историско-човечко или човечко-историско читање и осветлување не само на историските факти, туку и на слоевитиот карактер на оваа голема личност и личностите испреплетени во неговиот политички и приватен живот. Па токму оттука, Љубомир Бранѓолица, избегнувајќи ја замката на „историскиот бунар без дно“, партитурата ја гради преку една мотивирана форма со лирско-епски расположенија и јасна ритмичко-мелодиска конструкција. Музика за која Роналд Савковиќ ќе изјави...„Не беше возможно ’Александар III Македонски‘ да биде модерен и современ балет во однос на кореографијата, бидејќи музиката е направена за класичен балет...“, што и не е некое оправдување за неинвентивната реализација на мошне комплексната задача, a амбициозната желба за создавање големо балетско дело завршува со неколку соло, дуетни, терцетни и ансамблови танцови пасажи, без заемна колоративност и цврсти драматуршки шевови. Без силното пулсирачко ткиво за еден балетски спектакл, сложената структура на ансамбловите танци преку кои би требало да оживее „наративната приказна“. Да ја оживее, како што вели Савковиќ, „...идејата на Филип за пресметка до Дариј и Александар на чело на ударната единица, бестрашен, влевајќи им самодоверба на своите војници успева да извојува победа...“ И наместо тој движечки мотор со кој ќе доживееше атмосфера на триумфална победа, го видовме само во куса секвенција разгневениот и поразен Дариј.
Но, ако ги апстрахираме овие основни недостатоци во реализацијата на претставата и ако се осврнеме чисто на кореографскиот елемент, ќе забележиме дека Роналд Савковиќ, преку неокласичниот балетски стил, впечатливо ги гради солистичките нумери со богат танцов вокабулар и танцова архитектура исткаена од естетизирани движења и хармонична танцова поддршка, преку кои доаѓа до израз индивидуалната креативност кај солистите.
Василиј Чичијашвили со максимално еминирана енергија, сигурна и чиста балетска техника исткаена од многубројни пируети, високи скокови, мањежи и партнерска сигурност, го толкуваше ликот на Александар. Преку технички прецизно одиграните варијации и хармонично извајаните дуетни танцови пасажи, Александра Мијалкова беше Роксана, а Ивана Коцевска, во контекст на неокласичната балетска техника преку која доаѓа до израз нејзиниот танцов сензибилитет, креативно-технички ја донесе улогата на Олимпија.
Не помалку впечатлива во интерпретативно-техничка смисла беше и креацијата на Бобан Ковачевски како Хефастион, додека, пак, Трајче Стојковски изразено темпераментно, со широк замав во движењата го одигра Дариј, кралот на Персија.
Со креативна контрола за сопствената фикција и задача во претставата, Драган Кочовски се сообрази со Филип II.
Особен впечаток во претставата оставија ликовните елементи. Едноставната и функционална сценографија на Зоран Костовски, поентирана со неколку препознатливи симболи и вертикално поставени подвижни бели платна, преку кои најизменично се прелеваше разнобојната илуминативна обоеност, создавајќи на тој начин (ако тоа веќе поинаку не се случуваше), визуелна лирско-епска атмосфера. Како и ефектните костими на Александар Ношпал кои според кројот, колоритот и одредени специфични детали кореспондираа со историскиот контекст и секој лик пооделно во претставата.
Оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Борјан Цанев, прозвучи силно и сигурно, интерпретирајќи ја партитурата на Љубомир Бранѓолица.
|