06.10.2008, 17:27 Барак Обама го враќа ударот

Сенаторот го нападна Мекејн за поврзаност со финансиски скандал од осумдесеттите години
ВАШИНГТОН - Претседателскиот кандидат од редовите на демократите, Барак Обама, го нападна Џон Мекејн за поврзаност со финансискиот скандал од осумдесеттите години од минатиот век. Тој, исто така, го обвини неговиот ривал од редовите на републиканците дека е премногу фокусиран на водењето клеветничка кампања отколку на решавање на кризата во американската економија. Ова се случи откако потпретседателскиот кандидат Сара Пејлин за време на викендот го обвини Обама за поврзаност со терористи. Обама порано бил член на добротворен борд заедно со поранешен член на милитантната група „Ведер андерграунд“ со седиште во САД, Бил Ерс, кој сега е професор на Универзитетот во Илиноис. Тој го осуди радикалното минато на Ерс.
Мекејн го помина викендот во Аризона подготвувајќи се за денешната претседателска дебата, но Пејлин гувернерката на Алјаска, одржа неколку собири. Таа пред симпатизерите во Колорадо и Калифорнија изјави дека дојде време „да се извадат ракавиците“, сугерирајќи на тоа дека карактерот на Обама би можел да биде предмет на следни напади. Во новиот видеозапис на Интернет, испратен преку електронска пошта до симпатизерите, од таборот на Обама почнаа напад врз Мекејн околу неговата поврзаност со тајкунот Чарлс Китинг, кој бил осуден поради измама со обврзници откако пропаднале неговите шеми за штедење и заеми. Мекејн беше еден од петтемина сенатори, познати како „Петорката Китинг“, кои беа под истрага од етичката комисија при Сенатот околу нивните интервенции со банкарски рагулатори во корист на Китинг. За него беше утврдено дека е помалку вмешан во работите на Китинг отколку другите сенатори, но беше критикуван за „лошата процена“.
И самиот Мекејн ја опиша аферата како „најлоша грешка во мојот живот“ и таква која го навела да предложи закон за реформи во финансирањето на изборните кампањи. Во и-мејлот до симпатизерите менаџерот на кампањата на Обама, Дејвид Плуф, изјави: „Од таборот на Мекејн се обидоа да избегнат да зборуваат за скандалот, но со многу сличности со сегашната криза, ’Китинг‘ историјата на Мекејн важна и гласачите заслужуваат да ги знаат сите факти, и самите да го увидат шаблонот на слаби процени од страна на Џон Мекејн“. Од таборот на Обама отворија специјален веб-сајт каде што посетителите ќе може да го видат краткиот видеозапис и 13-минутен документарец за инволвираноста на Мекејн во скандалот Китинг. Говорејќи во неделата на собир во Северна Каролина, Обама, исто така, фрли сомнеж врз изборната тактика на Мекејн, сугерирајќи дека тој се обидува да го оддалечи вниманието од сегашната економска криза. (Би-Би-Си) |