Овации за македонскиот „Хамлет“ во Колчестер
Драмскиот театар завчеравечер во „Mersury Theatre Colchester“ пред бројната публика ја одигра првата претстава од вкупно четирите со кои гостува во Англија.
Предизвикот да се одигра познатото класично дело за судирот на индивидуата и општеството е голем како за актерската екипа, така и за режисерот, кои се единствени во констатацијата дека станува збор за „претстава со сложена драмска структура, со која се мери капацитетот на сценските институции во светот“.
Како што ни изјави директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев премиерата ја следеле не само актери и театарски критичари, туку и претставници на политичкиот живот на Колчестер, со кои била договорена соработка“
На режисерот на претставата, Дејан Пројковски преполната сала му донела голема возбуда, бидејќи како што рече „ огромен е предизвикот да се игра Хамлет во татковината на Шекспир“. Директорот на театарот во Колчестер бил исто така воодушевен од приемот, бидејќи, според Пројковски, публиката ги испратила актерите со овации, а „Гардијан“ објавил статија со одлична критика во која говори за „Македонскиот Хамлет“.
Улогата на Хамлет ја толкува Дејан Лилиќ. Тој пред премиерата на „Охридско лето“ изјави дека чувствува возбуда како никогаш досега, но мислам дека имам и сила како никогаш. Овој Хамлет ќе биде Хамлет н�� цела една генерација во моментов“.
Возбудата и овојпат го следи Лилиќ, кој ни изјави дека „чувствата се измешани од големата одговорност, трема, па навраќање на синоќешните овации, огромниот аплауз и поради тоа и малку спиење.“ Македонска актерска екипа да го игра Шекспир во Англија тоа е како да го играат тие Горан Стефановски во Скопје“, рече Лилиќ и потенцираше дека токму оваа претстава и одличниот прием кај англиската публика која е позната како мошне пребирлива и кај која постои можност доколку не и се допадне претставата едноставно да си замине, е фантастичен старт за другите три претстави. Можеби наскоро македонскиот Хамлет ќе заигра на некоја од англиските сцени бидејќи како што ни изјави добил и понуди за работа.
Останатите улоги во претставата ги толкуваат: Бранко Ѓорчев, Драган Спасов, Филип Трајковиќ, Игор Стојчевски, Игор Ангелов, Никола Ацески, Катерина Коцевска, Викторија Степановска, Лаза Манасковски, Александар Ѓеорѓиески, Игор Георгиев и Слободан Трендов. Музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Владо Ѓорески, а костимите на Благоја Мицевски. (Н.П.) |