ТВ-серии
Галиматијас од солзи, емоции и патетика
Од едната страна се индиските ТВ-серии, а од друга, турските. Еве како на таа тема размислуваат познатите
Бојан Шашевски
Моментално низ брановите на македонската ТВ-мрежа индиските и турските серии го трчаат почесниот круг. Новелите веќе прераснаа во своевиден феномен, ги исполнуваат ударните телевизиски термини, а на големо се зборува и се прераскажува за секоја измината епизода, случка, љубовна разврска. Затоа решивме да анкетираме неколку познати лица и да го разбереме нивното мислење.
Лила Стојановска
Водителка
Ми се лоши од сериите! Тие немаат воопшто никаква вредност, ниту уметничка ниту најмала човечка вредност. Тотално губење време... Луѓето постојано го следат сето она што им се сервира, а со тоа континуирано бегаат од проблемите, од реалноста, од идентитетот. Забораваат на семејството и на приказните од сопствениот живот, а примаат дози на лажни емоции, нереални случки и судбини. Многу се радувам што ќе имаат можност да ја погледнат новата македонска серија „Од денес за утре“, па притоа ќе можат да се препознаат низ секојдневните ситуации на нашиот обичен граѓанин. Освен што го гледав „Клон“, ова другото нема никаква смисла.
Блага Петреска
Фолк-пејачка
Ги гледам и индиските и турските серии и како личност од постарата генерација, можам да направам компарација меѓу христијанството, муслиманството и останатите религии. На помладите потешко им оди тоа. Тие секојдневно ги следат овие серии и попримаат туѓа култура, а не сопствената. Учат многу повеќе за турските и за индиските обичаи, а, за жал, немаме македонски серии за да дознаат нешто и за нашите вредности. Перцепцијата е многу сменета. Најпрво треба да се научи своето, па потоа туѓото.
Влатко Плевнеш
Музичар
Јас лично не ги следам трендовските серии, но еднаш загледав една епизода од некоја индиска ТВ-новела и морам да признаам дека малку ги потценував. За разлика од развратот, насилството, немолосрдните убиства, силувањата и што уште не во американските високобуџетни филмови, овде владее една позитивна, морална и патријархална нота... Имаат ниско ниво на продукција, но затоа тоа го надополнуваат со искрени и човечки вредности.
Гордана Деан-Поп Христова
Кореограф
Искрено да ви кажам, не ги гледам и не ме привлекуваат ниту индиските ниту турските серии. Луѓето околу мене постојано зборуваат за сериите и за новелите, па пробав и јас еднаш да погледнам и да го сфатам моменталниот феномен, но попусто. Не ми го задржаа вниманието. Единствена позитивна работа околу серијалите е што со синхронизирањето, македонските актери си најдоа нов ангажман.
Милодраг Цаиќ - Цајо
Менаџер
Со години не погледнувам ниту една серија. Ниту турски, индиски, венецуелски, бразилски... Она што го пласираат медиумите во јавноста е неверојатен шунд. Не сакам ова да биде сфатено како некаква дискриминација, но на времето само Ромите гледаа индиски филмови. Има многу скриени маркетиншки трикови низ секоја епизода, а синхронизациите се прилично смешни и апсурдни. Оптегот на интелектуални луѓе во Македонија е многу мал, па телевизиите земаат евтини серии и му сервираат на народот бесмислени, бесчувствителни нешта. Програмските уредувачи не издвојуваат пари за образовни, културни и детски програми. Со овие серии опаѓа културолошкиот развој на луѓето. Навечер децата наместо да читаат, да се спремаат и да одмораат за училишниот ден, тие гледаат серии.. Им ги полнат главите со се' и сешто.
Татјана Стојановска
ТВ-презентерка
„Шехерзада“ е првата серија овој тип и се' започна од неа. И јас ја гледав. Во слободното време одвреме-навреме ја погледнувам „Кога лисјата паѓаат“, но не сум опседната со моменталната понуда од серии. Во секој случај, имам позитивно мислење за нив... Освен што не содржат декаденција и насилство, во турските серии има морална поука за повеќе членови од семејството. Со помош на синхронизација се опфатени сите старосни групи. Притоа, многу е близок македонскиот менталитет со турскиот, што само по себе му помага на гледачот да се поврзе со ликовите. За разлика од турските, воопшто не ја сакам индиската продукција. Ме нервира таа наметната драматика.
Ани Малинкова
Пејачка
Не е воопшто убаво што се даваат такви работи по телевизиите. Просто речено - тоа за мене е губење време! Менталитетот на сериите е тотално застарен, бега од денешниот начин на живеење, од динамиката и развојот. Значи, во нив има изобилство од стари, потрошени, веќе непознати теми за модерното општество. Не ги сфаќам и не ми се интересни.
|