Поглед
Лисици за магарето
Горан Адамовски
Едно опасно магаре од Македонија си го натовари самарот со штеки цигари и оп - преку нелегален пат се обиде да влезе во Бугарија. Всушност, успеа, ама за беља, веднаш било начекано од бугарските цариници, кои го прашале каде оди и му побарале документи. Магарето се стаписало. Од страв не успеало збор да изусти. Цариниците немале избор - морале да го уапсат. Молчело магарето и кога го прашувале од каде му се цигарите, каде ги носи, за кого работи. Одбило да соработува со истрагата.
Магарето изгледа воодушевено ги читало весниците кога минатата година известуваа за коњот што беше уапсен во близина на Куманово. „Дорчо“ беше натоварен со девет клима-уреди, најверојатно, шверцувани од Србија. Животното било оставено само, неговиот водач побегнал кога почувствувал дека во близина се граничните полицајци. Остана нејасно дали против коњот била поднесена кривична пријава. За коњот се заинтересира и светски познатото списание „Horse and hound“.
Кој се сеќава уште на мечката што пред неколку години беше осудена поради кражба на мед од битолски пчелар. Се сеќавате, тоа беше мечката што имаше уплав од турбо-фолк музика, која пчеларот и' ја пушташе за да не се доближува до пчелите. Ама, како што бидува секогаш, генераторот останал без струја и мечката, осоколена што ја нема Цеца, си дошла по медот. Се прославивме, не' имаше низ цел свет.
А нашите соседи од север, освен што сакаа преку коњ да ни продадат климатизери, многу се незгодни кога се во прашање животните и инсектите. На пример, ако убиете мравка, бубамара и глувци може да добиете три години затвор или казна од 10.000 евра.
Ете, ние Балканците навистина сме ти живописни луѓе. Покрај нас, и животните стануваат кршачи на законот. |