Почина холивудската легенда Тони Кертис
Сунчица Уневска
Завчера од срцев удар на 85-годишна возраст почина големата холивудска актерска легенда Тони Кертис. Интересно е дека иако беше на сцена цели педесет години, сепак, првата асоцијација на сите кога ќе се спомене Кертис е неговиот лик од култната комедија „Некои тоа го сакаат жешко“ (1959) на Били Вајлдер. Во него Кертис одлично ги спои трите лика, на саксофонист, на нафтениот магнат и маскиран како Џозефин, освојувајќи го срцето на Мерилин Монро, но и претворајќи се во идол на жените ширум светот.
И иако Тони Кертис многумина го паметат најмногу како убавец, тој имаше сосем поинаков однос кон своите ролји. За него е карактеристично дека никогаш не играл и не го правел она што другите од него го очекувале, напротив, сакал да ја предизвикува публиката и да се испроба во многу различни улоги и жанрови. Така, на пример, неговото студио не му советувало да ја прифати улогата во „Спартак“ (1960), каде што требало да има споредна улога покрај славниот Кирк Даглас. Но, Кертис не го послушал овој совет, и иако не остана запаметен по оваа улога, за која велат дека е еден од првите хомосексуални моменти додека го бања неговиот господар Лоренс Оливие, сепак, факт е дека постигна подеднакво голема слава.
Тони Кертис е роден во Бронкс во Њујорк на 3 јуни 1925 година како Бернард Шварц. За него велат дека животот му бил буквално како на филм. Тој пораснал во таква сиромаштија, што неговиот брат Јулиус и тој едно време живееле во сиропиталиште. Неговите родители биле Евреи кои во Америка емигрирале од Унгарија. Татко му бил кројач и поради тешкиот живот децата и не добиле некое формално образование. Тони Кертис научил дека за себе и за помалиот брат Јулиус мора да се грижи самиот но, на 16-годишна возраст ќе доживее голема трагедија, кога неговиот брат ќе почине. Во 1942 година ќе и се придружи на морнарицата, каде што ќе остане до 1945.
Актерството му било сон уште од мал, но мислел дека е недостижно. Но, откако ќе му биде дозволено да посетува актерско училиште без да плати и откако ќе почне да оди на аудиции, почнува да верува дека неговиот сон можеби ќе се оствари. На почетокот добива улоги во театар, а на филм почнува со многу мали ролји. Набрзо неговиот потенцијал ќе го види големиот продуцент Дејвид Селзник од студиото „Универзал“ и ќе му понуди седумгодишен договор. Го менува името во Тони Кертис и во 1949 ќе ја добие првата улога, која ќе трае само две минути во филмот „Крис крос“ со Берт Ланкастер. Истата година ќе игра и член на банда во филмот „Град преку реката“. Веќе во 1950 година ќе почне да добива позначајни улоги, прво во акциониот вестерн „Сиера“, а потоа и во високобуџетниот „Винчестер ‘73“, покрај холивудската легенда Џејмс Стјуарт.
Светската слава ќе ја постигне со двата филма од 1956 и 1957 во кои партнер му е Берт Ланкастер. Првиот е познатиот циркуски филм „Трапез“ на Керол Рид, во кој Кертис и Ланкастер ќе се борат за љубовта на Џина Лолобриџида. А вториот е „Слаткиот мирис на успехот“, каде што Берт Ланкастер ќе игра една бескрупулозна игра, користејќи го него како мамец. Во првите години игра доста и во авантуристички филмови, но филмот што ќе му ја донесе единствената номинација за „Оскар“ е „Пркосни“ (1958) каде што игра заедно со првата голема црна холивудска ѕвезда, Сидни Поатје.
Интересно е дека неговиот пријател Џин Кели, откако ќе го види во филмот „Ова е Париз“, во кој Кертис пее и танцува, ќе го советува да продолжи со мечувањето. Но, Кертис не отстапувал пред никакви улоги, напротив. Комичниот талент ќе го покаже во 1959 во филмот „Операција Девојка“ на Блејк Едвардс, каде што глуми покрај неговиот идол, Кери Грант. Веднаш по овој филм Били Вајлдер ќе го ангажира со Џек Лемон и Мерилин Монро во култниот филм „Некои тоа го сакаат жешко“, кој ќе му ја донесе планетарната слава. Улогите на Лемон и Кертис, кои играат преоблечени во жени како Џезефин и Џералдин, ја освоија публиката, а многуте нивни сцени подоцна беа често цитирани. Тони Кертис постигна таква популарност, што велат дека неговиот фризура ја имитирал дури и Елвис Присли, а во берберниците сите ја барале фризурата „Тони Кертис“.
Други значајни улоги оствари во „Бостонскиот давител“ од 1968, во серијата „Убедувачи“ (1971-1972) заедно со Роџер Мур, потоа во „Последниот тајкун“ (1976) на Елија Казан и „Ништавило“ (1985) на Николас Рег. Но, во 1990-тите години тој се' повеќе ќе почне да бега од Холивуд, наоѓајќи се себеси во друга пасија, сликарството. По 50 години холивудска кариера тој зборуваше за неа со благодарност, но и со огорченост, бидејќи, како што вели, шефовите на студијата често го гледале како „симпатично момче кое е Евреин“. Но, признава дека и за него холивудската кариера првенствено била можност да се живее поинаку. Тони Кертис пет пати се женеше и имаше шест деца. Неговиот син Николас починал од предозираност, додека Џејми Ли Кертис, која ја доби во бракот со Џенет Ли (позната по сцената со тушот во „Психо“), има таков талент, што успеа да ги надмине своите родители. |