ЕДИТОРИЈАЛ
Инвестиции во аут
Маја Томиќ
Што е поважно за да дојдат странските инвеститори во земјава, политичка или обична волја искажана од власта? Ако се сумираат досегашните разочарувачки податоци за висината на влезените инвестиции, може да се констатира дека очигледно е многу поважна политичката решеност, наспроти другите заложби.
Владата потроши во изминатите години којзнае колку пари и многу време за организирање свечени пречеци и промоции на многу странски компании, кои, пред се', беа заинтересирани за вложување во зоната „Бунарџик“. Се изнаредија: „Монтипе“, „Искра“ „Шише џам“ „Текнохозе“, „Тривју-Хаиер“ „Орланди“ „Агрокор“..., се мавташе со инвестиции од милионски суми евра и со стотици нови работни места...
И покрај се' инвеститорите ги немаше и се' уште ги нема. Освен отворената фабрика на „Џонсон контролс“ и почнатиот градежен објект на „Џонсон Мети“ оваа пролет, од другите инвеститори нема абер.
Додека секоја компанија, веројатно, имаше своја причина за откажувањето или за одложувањето на инвестицијата, што никогаш не ја разбравме, Владата во кризата најмногу си најде адекватен изговор за нивното недоаѓање.
Понекогаш работите со инвестициите стигнуваат и до самиот крај и потоа пропаѓаат, повторно од необјаснети причини. Таков е случајот со „Џенерал дајнамикс“, американски конгло��ерат, кој пролетта 2008 година сакаше да влезе во земјава со оф-сет инвестиција. Нудеше производство на воена опрема, за која и тогаш и денес земјава има голема потреба.
Владата со широки раце ги пречека претставниците на оваа американска компанија и на неколку други. Беше направена гала-промоција во „Александар палас“ и инвеститорите беа топло примени од владините претставници на чело со премиерот Груевски и министерот за странски инвестиции, Веле Самак.
И се' остана таму каде што и почна. Непосредно потоа следуваа вонредните избори и тендерот што требаше набргу да се објави и на кој „Џенерал дајнамикс“ требаше да конкурира и да добие виза за инвестицијата, до денес не е објавен.
По повеќе од две години Владата нема објаснување зошто се спречи влезот на оваа светски реномирана компанија, со што значително ќе се подигнеше бизнис-рејтингот на земјата, посебно за американските компании. Компанијата и сега е заинтересирана за влез во Македонија, а Владата и натаму молчи.
Велат, станувало збор за суптилна работа, која не може туку-така да се коментира од денешна перспектива.
Личности кои беа инволвирани, помалку или повеќе, во овој проект немаат сфатливо објаснување, зошто Владата не распиша тендер и коментираат дека таа покажала недоволна сериозност и политичка волја за инвеститорите и оти премногу е заглавена со дневно-политички работи, место енергијата да ја троши на она што нуди економски прогрес на државата.
Во меѓувреме, во земјава и натаму си функционираат Дирекцијата за странски инвестиции, има и министер за странски инвестиции и триесетина промотори за привлекување инвестиции. Сите заедно влечат добри пари од буџетот, само за промоторите, на пример, досега се потрошени 10 милиони евра, иако нивните конкретни резултати се очајно слаби. Според премиерот, резултатите не им биле видливи, повторно, поради кризата.
И на крај да се потсетиме дека во шесте месеци од годинава странските директни инвестиции изнесуваа 116,5 милиони евра, а лани во истиот период беа 140 милиони евра.
Од нив, 73,2 милиона евра биле свеж странски капитал. Во 2009 година, оценета како најлоша инвестициска година, сме собрале 181 милион евра од странските инвеститори, со што сме на европско дно. |