Број 3396  петок, 01 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин
Вести








Site Meter

Мегаинтервју

Актерството како легално право да останеш дете

Верица Недеска-Трајкова зборува за глумата, за животот во Чешка, за инспирацијата со која го градела ликот на Мирјана во „Караула“

Валентина Тодоровска

Што значи за тебе да си глумица - да избегаш од себеси, да си играш, истражуваш по сопственото...

- Актерството за мене е професија која целосно ме исполнува. Ако треба да изберам повторно, веројатно ќе ја изберев. Во оваа професија се чувствувам како риба во вода. Ми се допаѓа се' што можеме меѓусебно да си дадеме. Право на повеќе животи. Бескрајно истражување на се' што е околу мене и во мене. Бунар без дно. Неисцрпна можност за работа на себе си и можноста за личен развој. Сила да го разберам светот и луѓето во него подобро, да бидам подобар човек, право да учам на туѓите грешки, со секоја можност за секој одигран лик, да бидам поблиску до човечкото суштество и полесно да го прифатам и да го сакам. Тоа е легално право на вечно дете и можноста за задоволување на неисцрпната љубопитност. Моќта на неизвесноста, креативноста, адреналинот.



Со некоја аматерска психоанализа ќе кажам дека изгледаш меланхолично и копнежливо, како луѓе кои постојано бараат повеќе, поинаку. Повеќе тага? Или она што го спомнуваш - буре без дно. Каква личност си по природа?

- Не верувам во субјективноста за сопствена дефиниција. Искрено, немам ни време ни потреба да се карактеризирам себеси како ваква или онаква личност. Постојат уште мал милион работи на кои сакам да го потрошам своето време и енергија, но ако велите дека изгледам меланхолично и копнежливо – прифаќам. Ако велите дека барам повеќе, поинаку – исто прифаќам. Но, исто така, знам дека без тага не постои среќа и обратно. Како инаку ќе ги разликуваме? Како луѓе, живееме со претставата што ја имаат другите за нас и со она што мислиме дека сме. Вистинската личност е некаде помеѓу. Секое човечко суштество е совршен склоп на јинг и јанг, доброто и лошото, сонцето и месечината, тагата и среќата... Во мене нашле место и светската тага и светската среќа. Дали да бараш повеќе не значи да не се плашиш да ризикуваш? Да ризикуваш, значи да живееш, а јас чувствувам непресушна жед за живот. Не се плашам од неуспех, од промена, од ништо што е ново, не се плашам да остарам од искуствата... Подготвена сум да ги понесам одговорностите на убавите и неубавите нешта што ги носи животот, мојата професија, новиот ден... Повеќе тага секогаш носи повеќе радост.



Публика те памети по филмот „Караула“ на Рајко Грлиќ, по остварувањето на ликот на Мирјана, жената на воено лице, страдна за љубов, страст што урива се' пред себе со својата силина, слична на надојдена река. Читавме дека улогата ја прифати со аманет од твојот сопруг.

- Аманет е пресилен збор или можеби мојот одговор со тек на време преживеал трансформација. Поддршката е огромна и обострана, но одлуката е секогаш на поединецот. „Караула“ дојде во еден пресвртен момент во мојот живот, но Бог им помага на храбрите, а тоа се потврдува со вашата констатација дека сум успеала да направам лик по кој публиката се' уште ме памети. „Караула“ беше прекрасно искуство. Можноста за креација на лик ме возбудува и радува секогаш, без разлика дали е тоа жена на воено лице, работник, интелектуалец, самохрана мајка, отпадничка од општеството или високоинтегрирана личност, болна, здрава, силна или слаба, секогаш е жива и нуди неисцрпна можност за креативност. Процесот на барањето на парчињата од мозаикот и нивно составување е најзабавниот дел од играта. Токму поради тој дел, свесно се занимавам со оваа професија.



Колку е тешко или лесно да си жена на режисер (Иво Трајков, нов. заб). Дали се среќаваш со она - лесно и' е на Верица... Или во стварноста тоа значи - тешко и' е на Верица?

- Јас сум спокојна сопруга, мајка, глумица... Спокоен човек. Животниот партнер не го избрав по професија, туку по тоа каков човек е. Со изборот сум тотално задоволна.



Дали нешто ти е скратено, укинато? Ме интересира колку навистина треба да си близок со режисер за да добиваш улоги?

- Не чувствувам дека нешто ми е скратено. Право на укинување имаш само ти самиот. Се чувствувам како слободен поединец и се трудам да не му наштетувам на општеството или на друг поединец, па следствено на тоа, така ми враќа и општеството и поединецот. Дали треба да си близок со некого за да ти даде работа, тоа не знам. Близок или далечен, прашање е што тоа значи. Се разбира, секогаш зависи од повеќе фактори: режисерот, проектот, времето, улогата. Но, мислам дека, барем од позиција на актер, бесмислено е да имаш намера за зближување со некого со цел да се добие улога. Бесмислено е тоа од која било позиција. Барем мене тоа не ми е блиско, бидејќи моето искуство покажало дека сум добила улоги најчесто од луѓе кои воопшто не ме познавале, а ја познавале мојата работа или така одлучиле на кастинг. Никоја варијанта не е исклучена, најдобро е работите да се случат така како што треба да се случат и тогаш кога треба да се случат. Секое зошто си има свое - затоа. Животот е сега и овде, па пробај да се радуваш на она што е сега, а не на она што треба да биде или она што го посакуваш и мислиш дека го заслужуваш. Тоа е моето мото.



Што мислиш за актерството и за политиката кај нас?

- За актерството - мислам. За политиката - не мислам. Има актери прекрасни... докажани и актери што допрва доаѓаат, а политиката ако мислевте во актерството е на смешно ниво. Да бидеш политичар е само професија. Исто како и да бидеш актер по професија. Се' е прашање на личен избор. Во средно имав еден професор по историја, кој викаше: две лубеници под една мишка не се носат.



Спомнувањето пари во светот на уметноста е исто како и слон во продавница за порцелан. Сепак, колку е осиромашено духовното од приказните за материјалното?

- Прика��ните преживеале паралелно со човековата еволуција, а актерите преживеале како нивни раскажувачи. Иако за среќа е потребно малку, во ова консументско општество се' повеќе стануваме робови на материјалното. За жал, борбата е тешка, но вака комитски да кажам - нема да се предадеме, поточно - продадеме. Не сум сама, иако многу не' нема. Но, во овој глобален свет повторно се' се сведува на индивидуалецот и на неговата лична борба. Па, ќе речам да, духовната вредност е се' поретка од материјалната, или поточно речено, се цени помалку, а следствено на тоа, и борбата е потешка, но... Тоа што нема да не' убие, ќе не' направи посилни. Парадоксално, но сметам дека глобализацијата помага да се развие индивидуализмот, а материјалната вредност помага да се развие духовната. Одлуката кој каква храна ќе избере од менито, е на поединецот. Да живее индивидуализмот!



Неколку години живеете во Чешка. Како е таму, како се живее, дали освен што сте си целина како семејство, имаш и некакви обврски? Имаш ли пријатели, со кого се дружиш..?

- Животот е во нас, а не таму или овде. Ако сакавте да ме прашате дали сум професионално ангажирана - да, сум. Ни во Македонија не работев се' по секоја цена, така и овде. Снимам филмови, земам разни часови и курсеви поврзани со мојата професија, пишувам... Работам на себе. Последниов период, покрај тоа што сум во подготовки и преговори за неколку играни филма, кои треба допрва да се реализираат, работам и на еден музичко-поетски проект, кој ова лето имаше отворена комуникација со македонската публика. Жанровски го крстивме кабаре–чалгија. Станува збор за прекрасната македонска поезија на македонските великани. Инспирацијата дојде како резултат на потребата од доближување на поезијата до сите генерации во Македонија, па и надвор од неа. Едно чисто и спонтано дејствување. Јас и уште четворица прекрасни луѓе цело лето настапувавме под името „Староњски банд“ и сме во подготовка на нашиот прв албум-книга. Бидејќи одѕивот беше позитивен, процесот продолжува и се надеваме дека и преку оваа „заедничка формула“ ќе стигнеме до повеќе љубители на поезијата и музиката, како едни од најсилните оружја на нашата нација. Со цел луѓето надвор подобро да не' запознаат, а луѓето внатре да се доближат до нешто што е толку вредно, до себеси. Инаку, овде се живее добро. Не се чувствувам како гастарбајтер, така што живеам до максимум и таму и овде. Се дружам со пријатели, со семејството - исто како и таму.



Како изгледа еден твој обичен ден, што има таму а нема тука и обратно?

- Ме интересираат работите што ги има, а тоа што го нема ќе се обидам да го создадам, да го најдам. Работите се во нас. И сите ние ги носиме со себе. Мене ми е убаво и таму и овде. Ако постојат разлики, тогаш разликата е тоа што во Чешка има повеќе ред и зимите се подолги, а во Македонија постои повеќе спонтаност и зимите се потопли. Во Чешка најчесто знаеш на што си, а во Македонија најчесто не знаеш. Тука работите зависат само од тебе, а во Македонија не зависат само од тебе. И едното и другото може да биде убаво и потребно, зависи само што ти треба.



Носталгија? Кој најмногу ти се радува кога ќе дојдеш во Македонија?

- Интересно е дека во последно време носталгијата понекогаш се појавува и ваму и таму. Кој ми се радува најмногу - не знам. Ама јас им се радувам на сите, а тие ми враќаат со истата радост.



Што велиш за љубовта како за неконечна инспирација?

- За мене љубовта е елемент што ја придвижува нашата планета, елементот што му пркоси и на времето и на просторот. Љубовта е двигател на мојот свет. Како што би рекла Антигона, „за омраза не, а за љубов се родив“, така и јас. Љубовта во секој облик е неисцрпна моја мотивација за живеење и инспирација за создавање на моите ликови.



Сништа, мечтаења..?

- За нови искуства, за непознати нешта, места, за нови доживувања и средби, за утре, за љубов, спокојство, сонце, здравје и среќа.


#
Статијата е прочитана 577 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Сите молчат за „Џенерал дајнамикс“
Инвестиции во аут
Maкедонија како маслинарска република
Пат-позиција
Лига Европа
15 години мистерија
Лисици за магарето
Најубавата жена на светот
Албанскиот селектор доби мозочен удар
Дојран го чека возот за Грција
Понуди за плаќање на долгот за струја на рати
„Ние сме еден народ!“ (2)
Галиматијас од солзи, емоции и патетика
Во Србија веќе нема задолжителна војска
Каролина - прва македонска „зајачица“
Почина холивудската легенда Тони Кертис
Овации за македонскиот „Хамлет“ во Колчестер
Музички спин-доктори
Свети Наум добива споменик во Охрид
Магарето и самарот
Заработка од 2,8 милиони долари - нова и-мејл измама
Неделен хороскоп
Откриена планета каде што можеби има живот
Купување алкохол пак до 19 часот
Германија плати за Првата светска војна
Ивановски
Грчките превозници ги прекинаа протестите
Бела ноќ“ утре во Скопје






When all roads lead to Rroma
Borisov supports Turkey's EU bid
EU to open door to Albanians and Bosnians but not to Kosovars