Мислења
„Ние сме еден народ!“ (2)
Јосиф Ќурчиев
В недела Германија ќе ја одбележи 20-годишнината од повторното обединување, што е можност за сеќавање и за биланс на постигнатото
Можеби токму таков требаше да биде денот: ситен, речиси правлив дожд, онака како што се прска за пеглање. Сиво небо спуштено до земја, за низ него да се гледа прочуениот мост „Глинекер“ и веднаш тука, на педесетина метри од него, вилата „Шенинген“, обата објекта со посебна историја за веќе 20 години повторно обединетата Германија. Зашто мостот што ги поврзува Берлин и Потсдам ќе остане познат по размената на источно-западните агенти, меѓу нив и над тогашниот Советски Сојуз соборениот Американец, Пауерс, или уште попознатиот Шарански, кому, пред да се најде на Запад, ќе му се скине јажето што му ги држи панталоните, па таман да ја мине белата линија на мостот што ја означувала границата, за малку ќе останел со „гол задник“. А вилата „Шенинген“, од место за уживање на нобл-семејства, до детска градинка во периодот на ГДР, до речиси руина спасена од мецени, за денес, преживувајќи ги сите премрежиња, да биде германско-германски музеј во кој се сместени сведоштвата за едно време – невреме. Тука, имено, минувала германско-германската граница, тука контролите биле подеднакво строги како и ��о целата нејзина должина од 1.376 километри послана со над еден милион и 400 илјади мини, граница на која во бегство кон слободата не стигнаа повеќе од илјада луѓе.
Можете да замислите колкава површина вкупно била зафатена со „заштитата“ на социјализмот? Тоа јасно го видовме на крајниот југ од исклучително зелената тирингиска покраина, во малото место Пробстцела на дофат до Баварија - таму каде што тогаш бил запад. Од огромната, речиси 30-метарска кула-чувар сега се гледа нешто друго: каде што врвела границата, на местото на исечената шума, простор на кој биле положени мини, сега зеленее нова светлолисна шума, која отскокнува од зимзелената темна боја. Проект на еколошките друштва наречен „Зелена лента“, простор за одмор и рекреација што се протега по целиот тек на бившата граница. Потоа се случија огромните демонстрации во Лајпциг на 9 октомври 1989 година. Седумдесет илјади луѓе наспроти осум илјади тешко вооружени полицајци, кои и самите ќе бидат изненадени од толкавиот број „социјалистички граѓани“, кои ќе бараат слобода и крај на режимот. Еден месец подоцна падна Берлинскиот ѕид. Настаните што следуваа се одвиваа со неверојатна брзина: Ерих Хонекер го снема од сцената, на 18 март 1990 година се одржаа првите слободни избори, на 31 август е потпишан германско-германскиот договор за обединување, на 12 септември во Москва е потпишан договорот по преговорите 2+4 (на што и' е посветена навидум скромна, ама мошне ефектна изложба во холот на Министерството за надворешни работи во Берлин, зграда што најнапред била седиште на поштата, а потоа и на ЦК на Единствената германска социјалистичка партија), на 3 октомври 1990 година Берлин го слави повторното обединување на земјата. Процес што се одвиваше во речиси еден здив поттикнат од граѓаните на ГДР, кои бараа едно: слобода.
Кој со кого се обедини? Развиениот западен дел со изнемоштениот, на работ на банкрот, исток? Едно беше да се договорат сите детали на обединувањето содржани во документ од илјада страници, сосема друго тоа да се спроведе. Беше решено да се спроведе приватизација најбргу што може. Но, што да се приватизира? Диносаурус-индустрија што никој не сакаше да ја купи? Задачата ја доби „Тројханд“, фирмата што требаше да ја изврши продажбата на околу осум илјади фирми со над четири милиони вработени. Процените беа дека тоа ќе донесе околу 600 милијарди германски марки. Кога кон крајот на 1994 година „Тројханд“ ја заврши работата, се покажа дефицит од 204 милијарди марки што паднаа на грбот на даночните обврзници. Конкурентската способност на ГДР, се покажа, била преценета дури и на Запад, што го призна и канцеларот Хелмут Кол во своите мемоари.
Сепак, решеноста да се направи баланс ќе овозможи просечните примања пер капита на исток во периодот од 1991 до 2007 година да пораснат за 85 проценти, односно на 1.260 евра месечно, додека во истото време, во западниот дел растот да изнесува 40 проценти, односно во просек 1.603 евра. И бруто националниот производ пер капита на годишно ниво на исток во тој период порасна од 9.442 евра на 22.145, што претставува пораст од 135 проценти. На запад, во исто време, порастот беше само 42 отсто, односно достигна ниво од 31.381 евро или, истокот во мината година имаше БНП од 73 проценти од нивото на запад. Ова се владини и бројки на Германскиот институт за економски истражувања во Берлин, во кои нема податок за тоа колку вкупно пари се прелеани од западниот дел на земјата во источниот. Но, дали е се' во парите и во ваквите суви факти? Дали и за постигната слобода треба да се издаде „фискална сметка“? А, што со минатото?
Во архивот на Штази (Државната безбедност на ГДР), се наоѓаат документи за кодошењето на системот врз сопствените граѓани, кои ако се спојат, достигнуваат должина од 180 километри. Околу 20 илјади професионално вработени и илјадници „доброволни“ соработници деноноќно ги ставале под опсервација „сомнителните антидржавни елементи“. Да се уништат или не? Задржано е се' што не се стигнало да се уништи, значи, речиси се'. Потресни се судбините за кои ни раскажуваа нашите домаќини. Можеби најдрастично е меѓусебното кодошење меѓу сопруг и сопруга, секој мислејќи дека другиот не знае. Но, кога е решено да се направи „лустрација“, тоа не е направено на јуриш, ниту кампањски, најмалку со политизирање, туку според германскиот „орднунг“, како што ќе процени колегата од Мичиген, Дејв. Главна задача: да се спречи политички активизам на „куклите на конец“ од времето на 40 години систем. И како да се нарече тој „систем“? Режим, неправна држава, неправедна држава, ��еслободна, недемократска, диктатура? Некои денес зборуваат за носталгија – носталгија за исток – главно, на постарите генерации, други за судир на „веси“ (западни) со „оси“ (источни), едни за мрчачи-веси, други за неблагодарници-оси. На неутралниот посматрач му паѓаат в очи новите автопатишта-писти низ источните покраини, железничките пруги од кои исчезнаа вагоните и локомотивите од праисторијата, обновените историски значајни зданија и куќи во внатрешноста, новоизградените станбени и деловни згради... Можно е тоа да залажува ако се прифатат фактите дека невработеноста во новите покраини е двојно поголема од онаа во старите: 15 проценти наспроти 7,5, дека над еден милион Источни Германци заминаа на Запад, главно, млада и квалификувана сила, дека во некои подрачја се случи драстична депопулација: испразнети цели региони. Исто така, точно е дека со повторното обединување, на просторот на бившата ГДР дојде најсаканото за еден народ: слободата. Се' друго е остварливо и ако се прифати дека се изминати само 20 години, тогаш не би требало да има место за незадоволство. Познавам држави што би посакале веднаш да бидат на тој начин „незадоволни“. Така де, секој со својата мака...
И на крај, но не како последно: би сакал да ја искористам оваа пригода, да и' се заблагодарам на германската амбасада во Македонија што ме покани на гостување во „Дијалогот со Германија“, проект во кој учествуваа новинари од 12 држави од речиси сите континенти.
(Авторот е новинар) |