ТВ-фотелја
Магарето и самарот
Роберт Д. Крстевски
Врти-сучи, Македонска радио-телевизија најде чаре како да ја наплати радиодифузната такса. Всушност, таа нема повеќе сама да се расправа со претплатниците, туку тоа ќе и' го препушти на Управата за јавни приходи, која за услугата ќе задржува три проценти од собраните средства. Ако некој не ја плати сметката, прво ќе добие опомена, по која ќе има седум дена за да го регулира долгот, а ако и тогаш не реагира, побарувањето автоматски ќе се зголеми за десет проценти. Во случај ни тогаш да не биде платено, УЈП тоа ќе го стори присилно, со симнување пари од трансакциска сметка или со запленување имот, и тоа со камата од 0,05 отсто за секој ден доцнење. Така предвидувале законските измени предложени од Министерството за транспорт и врски, кои треба да стапат на сила од почетокот на наредната година.
Аферим, бре, генијалци! Мислеа, мислеа и смислија. Прво пробаа со наградната игра во која извлечените редовни плаќачи добиваа апарати за домаќинството додека Силви пееше „Оваа сабота добивки без работа, сабота пред недела - леле, среќа дебела“! Но, не им се посреќи, па ја вметнаа таксата во сметките за електрична енергија, на што граѓаните одговорија со плаќање преку уплатница само на делот за струја, без тој за телевизија. Видоа-не видоа, измислија годишни сметки, со обврска на претплатниците да плаќаат секој месец или, ако така милуваат, да ја платат целата сума однапред за цела година?! Арно ама, тие не се испотепаа да ја искористат таквата „привилегија“, процентот на наплатата се сведе на едноцифрен и - ете ти ја УЈП со боздоганот. МРТ сега ќе си гледа сеир додека Управата им брцнува директно в џебот на граѓаните за да го задоволи гладот на „диносаурусот“ покрај Вардар.
Значи, нема веќе трте-мрте. Има да си плаќате за услугата што не сте ја побарале и што не ви е неопходна, како, да речеме, струјата и водата, или - има да ве нема.
За државниот радиодифузер во сите земји се плаќала такса, не' убедуваат. Ај што не е баш така, бидејќи во некои држави националната радиотелевизиска куќа се финансира исклучиво од буџетот, ама за каква споредба со „сите земји“ може да стане збор кога е во прашање МРТ? Кај имало на друго место на планетава такво расипништво без отчет, толкава превработеност, негативна селекција на кадри, политичка инструментализација и, како последица од сето тоа, толку лоша програма што за неа не вреди да се платат ни 50 дени, а камоли 130 денари? Требаше ли некогашниот расадник на новинари и на технички персонал, како и чувар и негувач на македонското културно наследство, да се доведе во толку незавидна ситуација за сега да мора да се применува сила за да се стави в ред? И тоа, види богати, не таа, ами граѓаните што не сакаат да плаќаат ваква телевизија. Место по магарето, удри по самарот...
|