Бунтовното срце на Атина
Секој поголем протест ги има својот почеток и завршница во квартот Ексархија. Дел од „опасниот“ имиџ на населбата, како што ја претставуваат, е тоа што се смета за седиште на анархистите
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Замислете ја Ексархија како едно огромно уметничко платно на кое секој минувач остава свој печат. Квартот е уникатно ремек-дело во Атина, дел кој е се' освен општествено пасивен, кој или ќе ви се вовлече под кожа или ќе ве одбие до степен никогаш повеќе да не стапнете таму. Се наоѓа на само 10-15 минути од строгиот центар и плоштадот „Синтагма“, најблиски метро-станици се „Омонија“ и „Панепистимиу“.
Ексархија е алтернативен дел од Атина што дише во духот на револуцијата и уметноста. Дом на боемите, студентите, политичарите и министрите, познатите професори, анархистите, уметниците, кои се обидуваат да се пронајдат себеси и да го сменат светот. Оваа населба е место каде што живеат стари обични граѓани со своите домашни миленици, млади дечки што лутаат со фотоапаратот преку ден и ноќ обидувајќи се да уловат единствени моменти на љубов, тага или осаменост, девојки што спијат преку ден и настапуваат како блуз-пејачки преку ноќ, бездомници што заспиваат во вреќи на тротоарите, графички дизајнери во изнајмени гарсониери каде што половина од просторот го зафаќа едно старо правливо пијано и еден црвен ѕид на кој виси Герника... расфрлани четки и темперни бои на подот, чии соседи имаат закачено велосипед високо на балконскиот ѕид и живеат спроти зграда со избледена виолетова боја што сосема случајно е бордел со секогаш цврсто затворени ролетни.
Ексархија е свет во мало, грдо и убаво, ентузијазам и иницијативи, слика за почетокот и крајот на надежта, каде што една улица ве носи во модерното преку модерно уредени кафулиња и бутици, а во друга веќе се губите во напуштени куќи на духови со мрачни, но запрепастувачко убави фасади. Населбата порано се викала Питарадика бидејќи во овој дел се изработувале питарија-глинени вазни. Спонтано се менува во Ексархија, според името на најуспешниот трговец во населбата, извесниот Ексархос.
Медиумите, особено по протестите, ја претставуваат Ексархија како едно од помалку безбедните населби во Атина. Не целосно без причина ако се земе предвид дека секој поголем протест го има својот почеток и завршница овде. Меѓутоа, опасноста е само ако се најдете токму во средина на пресметката меѓу полицијата и оние што протестираат. Секој друг ден е едно од најживите места во Атина, во секој дел од денот и ноќта.
Бунтовноста е, сепак, главна црта на карактерот на оваа населба. Ексархија станува седиште на сите студентски и младински протести уште од првиот судир на студентите во 1985 година со полицијата при протест што апелирал за купување грчки производи за да се помогне домашната економија. Оттогаш низ историјата Ексархија ги преживува Политехнио, бунтот на студентите од Политехничкиот факултет во 1973 година поради воениот режим - хунтата, а само пред две години квартот беше место каде што експлодираше гневот на народот по убиството на 15-годишниот Александрос Григоропулос при расправијата со полицијата. Убиството на Алексис резултираше со еден месец непрекинати пресметки на специјалците со граѓаните и доведе до предвремени избори и пад на десничарската влада на Костас Караманлис.
„Мислам дека немаше човек во Ексархија на кого не му подзастана срцето од случувањата во Ексархија во 2008 година. Еден месец не можевме да ги отвориме прозорците и балконските врати затоа што во воздухот имаше само солзавец. Така е речиси за време на секој поголем протест, особено оние во спомен на Алекси и Политехнио“, коментираат граѓаните потсетувајќи се на декември 2008 година.
Оние малку постарите, кои биле активни за Политехнио и ја минале својата младост во Ексархија, велат дека населбата има изгубено многу од поранешниот боемски и вистински револуционерен сјај. Меѓутоа, не губат надеж дека сегашните млади во Ексархија ќе успеат да се изборат за подобри услови.
„Живеам во Ексархија 40 години и никогаш немам видено потажна, погрда слика од оваа сега“, коментираше една постара жена пред една година при нашето случајно разминување крај централниот плоштад во населбата. Грдата слика за која говореше беше нечистиот плоштад, дилерите на дрога и тажната слика на зависниците што во бессознание седат на некои од клупите. Сега таа слика е веќе минато, барем за овој плоштад. Местото каде што никој не стапнуваше, сега граѓаните преку организирана акција и' го вратија на населбата, исчистено и средено како што не било во последната деценија. Иако среќни за сегашната слика, сепак, жителите на Ексархија велат дека проблемот на луѓето, кои до пред шест месеци живееја на овој плоштад, не е решен со тоа што се преселени на друга локација.
Квартот живее и се менува преку проектите на граѓаните. Нема посебни музеи, целата населба е музеј, долгометражен документарец и огромна галерија на отворено. Карактеристично здание е „Сината зграда“ меѓу централниот плоштад на Ексархија и улицата „Арахова“, која поради специфичната сина боја се смета за пример на модернистичкото движење во грчката архитектура во меѓувоениот период. Ѕидовите на еднокатните или двокатните куќи се покриени со графити што варираат од несмасни тагови до вистински уметнички дела, цели љубовни писма се испишани на олуците на неколку згради, налетувате на графити како, на пример, „Се надеваме без надеж“, „Телевизор во боја, живот во црно-бело“, „Или љубов или ништо“, „Она што ќе остане“, стенсили со ликот на загинатиот Григоропулос и пароли против полицијата, стикери со ангели што носат гас маски.
Графитите се менуваат заедно со генерациите во Ексархија. Еден од запуштените делови кај уличката „Зоодоху Пигис“ пред неколку години бил исчистен и среден од младите и сега е средноголем симпатичен парк што го одржуваат жителите, каде што преку ден играат деца, а навечер се собираат големи групи млади. Во лето ќе ве привлечат звуци на гитари и групно пеење, гласно кикотење или, пак, филозовски дебати под отворено небо. Слична е и ситуацијата на централниот плоштад каде што сега околу споменикот на трите Ероси се поставени маси за пинг-понг, шах и мини-фудбал, а кога дозволуваат временските услови се организираат и отворени дебати и проекции на филмови, документарци и спортски натпревари.
Ексархија е совршено место да најдете стари плочи или цедеа, музичка опрема, стрипови, уникатни модерни и рачно изработени парчиња облека и накит. Населбата е преполна со книжарници бидејќи голем дел од факултетите порано се наоѓале во нејзината околина. Летно време во Ексархија живнуваат и неколкуте летни кина, каде што претежно има проекции на стари класични филмови, како што се „Казабланка“ и „Појадок кај Тифани“, но и летните тераси на кафулињата што се наоѓаат на покривите на зградите.
Доколку се најдете во Ексархија одете на кафе, пиво или на топла ракија со мед во „Подилато“ на улицата „Темистоклеус“. Локалот ќе го препознаете по големиот велосипед во витрината; на чај, партија „џенга“, пиво или коктели во „Џинџер Ејл“ што се наоѓа на самиот централен плоштад, уредено во стил од 50-тите години, личи на нечија огромна удобна дневна соба со автентичен мебел, тапети, завеси и електрични уреди и честопати има џез и свинг-забави.
За целосно искуство од 50-тите и од 60-тите години појдете во „Блу фокс“ на „Есклипу“ број 91. Земете лаптоп или книга и „изгубете“ се неколку часа во помирниот дневен амбиент со кафе или вино во кафе-книжарницата „Флорал“, исто така, на плоштадот, само неколку чекори над „Џинџер“. Смирените тонови тука траат само преку ден, навечер „Флорал“ комплетно се менува, со тоа што секоја втора среда е домаќин на линди хоп- забави, а викендите им се посветени на рок-забавите. За дневно кафе може да наминете и во „Кафекути“ на самата раскрсница меѓу „Темистоклеус“ и „Солонос“...
А ако не сте лик што сака да седи во таверни? Едноставно, земете гиро, палачинка, салата и пијалак и седнете релаксирано на плоштадот или во паркот на „Зоодоху пигис“ и вклучете се во муабетите на друштвата што се таму.
Ексархија е индивидуално искуство за секого. Колку и да се пишува за него не би можело целосно да се замени чувството кога и прв пат ќе стапнете на плоштадот полн луѓе, живот, музика, љубов.
Ексархија не ја толерира полицијата. Секое полициско присуство во оваа населба се смета како провокација што цели кон создавање безредија. Населбата е отворен дом за сите, освен за припадниците на полицијата. Дел од „опасниот“ имиџ на населбата, како што ја претставуваат, е затоа што се смета за седиште на анархистите. Меѓутоа, предрасудите дека анархистите се злото на грчкото општество и главни виновници за насилството во Атина можете да ги одморите кога ќе слушнете дека токму тие анархисти се едни од ретките во Атина, кои држат слободни часови по грчки за странци и кои иницираа отворање кафуле и центар за спорт и забава за имигрантите.
|