Историја
Спомените го создаваат идентитетот на Скопје
Во Музејот на Град Скопје е отворена изложба за неговиот културен идентитет од 1945 до 70-тите години од 20 век
Катерина Богоева
Градовите, впрочем, како и луѓето, својата идентификација во времето ја оставаат со спомените. Токму затоа, пред два дена, вечерта на 27 јануари во Музејот на град Скопје беше активиран „времепловот на сеќавањата“ на скопјани. Во изложбени простории на Музејот (Старата железничка станица), на едно место очекувано собра завиден број посетители што присуствуваа на отворањето на изложбата „Културниот идентитет на градот Скопје од 1945 година до 70-тите години на 20 век“, која се занимава со современото живеење и создавање на облиците на градот во еден период во кои се прекршувале с��мејните и општествените вредности и приоритети. Оваа изложба е дел од започнатите современи етнолошки истражувања, кои ќе продолжат, а се очекува постепено да биде збогатувана и новооформената етнолошка збирка за тој период. Многуслојноста на овој период од историјата Скопје на кој работат етнолозите, виши кустоси Славица Христова и Татјана Ѓорѓиоска, под менторство на д-р Анета Светиева, посетителите можеа да ја доживеат преку изложените предмети и фотографии што им овозможија во студената јануарска ноќ да се навратат во не толку далечното минато. Меѓу нив имаше стари скопјани, но граѓани чии семејства се населиле во градот токму во тој значаен период на економски развој.
„Клучен фактор на новиот развој била реалсоцијалистичката идеологија за создавање индустрија и работничката класа како водечка сила на новото општество. Со тек на време ваквата политика предизвикала промена во структурата на населението на градот и поширокото гравитациско подрачје. Доселените „нови граѓани“ го започнувале својот градски живот во подобрени работни, станбени, здравствени и културни услови. Постепено се зголемувал и животниот стандард. Паралелно со изградбата на новите социјалистички општествени односи се уривало старото општество со неговите вредносни системи, а на нивно место се создавале нови општествени односи, кои не секогаш биле компатибилни со традициските, особено во поглед на родовите прашања, семејните вредности и културата на домувањето. Сепак, нешто од старото традициско живеење на градот успеало да се одржи како наследство од затекнатите скопски граѓани, кои и натаму ги негувале своите навики во поглед на малскиот и соседскиот живот, старите културни потреби од театар, игранки, кино, музика, познатите кафеани во центарот на градот со традициска кафеанска атмосфера и разни други кафеани карактеристични за малата со кафеанска музика, чкембе-чорба и нивните верни гости. Овие градски вредности биле магнет за новите скопски граѓани и мотив тие што побргу да се навлезат во ткивото на старото градско општество“, посочуваат етнолозите.
Тие, меѓу другото, забележуваат и дека владејачката елита по земјотресот била сместена во резиденцијаниот дел од населбата Водно, која по својата позиција го симболизирала хиерархиското место во општествениот систем, но и дека во 70-тите години бил изграден Градскиот ѕид и повеќе објекти од јавен интерес. Меѓу нив се и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Музејот на современа уметност, Природно-научниот музеј, МАНУ, Градскиот трговски центар, првите големи булевари „Југославија“, „Партизански одреди“, „Гоце Делчев“ и др. Изградбата на мостот „Гоце Делчев“ е документирана преку албум на фотографии.
На изложбата може да се види како градот раснел во сите сфери, како се формирале државните институции, се развивале занаетчиството, индустријата, општествените дејности, но и како граѓаните спортувале, како се рекреирале, како и каде се забавувале, во кои театри, кина, во кои диско-клубови оделе, како изгледале училишните прибори, покуќнината, техничките апарати, модата и др.
Доминираат црно-белите фотографии и насмеаните оптимистички лица на нив, но има и фотографии во боја. Многумина ќе можат и да препознаат на нив дел од своите сограѓани, можеби и пријатели и роднини што не ги виделе подолго време. Но, можеби и случајно ќе се видат и себеси во младешките години. Ако се препознаат, се разбира! |