Технологија
Смартфони за видеоаматери
Можностите на модерните смартфони квалитетно да забележат фотографии и видеозаписи нагло пораснаа. Трката за количеството мегапиксели во вградениот фотоапарат трае со години, но, сега стана важно и колку квалитетен видеозапис снима мобилниот
Никола Бурагев
Дури неодамна на мобилните телефони добивме VGA резолуција на видозаписи, а некои модели се' уште се испорачуваат со можност за снимање со брзина од само 15 фрејма во секунда. „Самсунг“ и „Сони ериксон“ го почнаа трендот на снимање на HD видеозаписи со мобилните, а потоа им се придружија и останатите компании со своите модели. Еве преглед на моментно најинтересните смартфони, кои можат да послужат и како солидни фотоапарати или видеокамери.
iPhone 4 - Мобилниот уред, кој побудува најголем интерес, моментно е iPhone од четвртата генерација. „Епл“ секогаш некако заостануваше со можностите на снимање видео на својот мобилен телефон, што конечно одлучи да го исправи во четвртата инкарнација. Iphone 4 фотографира во резолуција од пет мегапиксели, а снима видео во 720p HD резолуција, сето тоа со помош на LED-блицот, кој во случај на видео, служи и како светло. Покрај тоа, iPhone и' доделува гео таг на секоја фотографија и му овозможува на корисникот да ги фокусира деловите на кадарот со допир.
Снимањето видео пристигна на iPhone дури со минатогодишниот модел 3GS и не можеше да се пофали со некој позабележителен квалитет, но сега iPhone се најде во друштво на само неколкуте мобилни телефони, чии камери снимаат во висока резолуција. Интересно е дека „Епл“ нуди и апликација за обработка на видеоинсертите снимени со телефонот. За жал, iMovie апликацијата чини 4.99 долари во дуќанот „Еп стор“ (Аpp Store) на онлајн-апликации.
Sony Ericsson Vivaz - Компактниот смартфон на „Сони ериксон“ базиран на оперативниот систем Symbian е еден од првите телефони на пазарот што понудија снимање видео во висока резолуција, поточно 720p. Vivaz го прави тоа навистина добро – квалитетот на неговото видео може да се спореди со евтините камери што снимаат на мемориски картички, а некои модели дури и ги надминува.
Ако треба да снимите фотографија, Vivaz ќе го направи тоа во резолуција од осум мегапиксели и притоа ќе ја детектира насмевката, ќе ја геотагира фотографијата и ќе се послужи со LED-блицот доколку има премалку светло за снимање. Фокусирањето може да и' се препушти на автоматиката или едноставно да се допре екранот таму каде што сакаме камерата на Vivaz да ја изостри сликата. Треба да се нагласи и компактноста на Vivaz во време кога мартфоните почнаа да заземаат се' повеќе место во нашите џебови.
Motorola Milestone XT720 - „Моторола“ го прошири своето своето семејство на Milestone смартфони со моделот XT720. Ознаката 720 не е случајно избрана, бидејќи токму 720p е резолуцијата во која овој мобилен ги снима видеоинстертите, а брзината со која го прави тоа изнесува 24 сликички во секунда. Фотографиите имаат најголема резолуција од осум мегапиксели, а камерата има и ксенон блиц. Геотаговите, препознавањето на насмевката и фокусирањето на лицата на фотографираните личности е одлика и на смартфонот на „Моторола“ базиран на оперативниот систем „Андроид“. Milestobe XT720 е базиран на малку посилен процесор од оригиналниот Milestone, ARM 720 MHz Cortex. Веруваме дека причината за тоа е полесното кодирање и декодирање на HD видеозаписите.
Nokia N8 - „Нокија“, конечно, одлучи да направи достојна конкуренција на прогресивните смартфони со помош на моделот N8. Колку ќе успеат во тоа, најмногу зависи од Symbian, кој финскиот производител го вметна и во N8. Главните одлики на оваа „Нокија“ е капацитативниот AMOLED дисплеј со резолуција 640х360 пиксели, процесор со такт 680 Mhz со 3-Д акцелерација и дигитален фотоапарат со резолуција од дури 12 мегапиксели, способен да снима HD видео во 720p резолуција. „Нокија“ одлучи да ја опреми својата камера и со Carl Zeiss леќа и ксенон блиц, каков што наоѓаме на компактните фотоапарати. Новиот N8 модел би требало без проблеми да го прикажува снимениот материјал на телевизорите со помош на излезот HDMI, а додатоците, како што се фокусирањето на лицето, детекцијата на насмевката и гео тагирањето речиси и да се подразбираат на ваков телефон.
Samsung Galaxy S - Galaxy S е, исто така, мобилен телефон заснован на „Андроид“. „Самсунг“ одлучи да вгради во него фотоапарат со резолуција од пет мегапиксели, но кој може да снима видео со 720p резолуција. Како и поголемиот дел модели од споменатата конкуренција, има можност за автоматско фокусирање на лицето на снимениот човек, препознавање на насмевката и гео тагови за фотографиите. Исто така е можно да се фокусираат одредени делови со едноставен допир на екранот на тоа место. „Самсунг“ се одлучи на вградување процесор ARM Cortex со такт од еден гигахерц во новиот Galaxy, па кодирањето на видеозаписите не би требало потешко да го оптоварат.
HTC Incredible - HTC во последно време, веројатно, ги лансира најдобрите мобилни телефони на платформата „Андроид“, но малку и ги занемари фото и видеоможностите – доколку го споредиме со наведените конкуренти. Тоа беше исправено на моделот Incredible, кој е базиран на Snapdragon процесор од 1 Ghz, има AMOLED екран со резолуција 800х480 пиксели и поседува камера со резолуција од осум мегапиксели и способност за HD видеоснимање 720p. |